Македонија задушена од отпад: Над 1.000 диви сметилишта, Владата најавува нова депонија кај Битола

На територијата на Македонија постојат повеќе од 51 нестандардна депонија и околу 1.000 диви сметилишта, со сериозни последици врз животната средина и здравјето на граѓаните, предупредуваат од Владата. Меѓу критичните локации се депонијата Мегленци кај Новаци, како и ѓубриштата во Алинци (Прилеп), кај Крушево, Барбарос (Македонски Брод), Алчеви Кошари (Ресен) и други.

Владата, во одговор до Советот на Општина Битола, информира дека активно работи со општините за поставување на европски стандарди во управувањето со отпад. Централната власт стои зад изградбата на нов регионален центар за управување со отпад на девастирано земјиште во рудникот на РЕК Битола. Депонијата ќе биде за осум општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион, со целосни заштитни мерки, во согласност со ЕУ-директивите.

Локацијата е утврдена уште во 2017, а во 2022 потпишан е договор со ЕБОР вреден 55 милиони евра за изградба на три санитарни депонии. Дополнителна финансиска поддршка доаѓа од Швајцарската влада и програмата WIBF со грант од 22,5 милиони евра. Новата депонија ќе има капацитет од 2,8 милиони м³ и предвиден работен век од 25 години.

И покрај најавите за строги еколошки стандарди, во Битола продолжуваат протестите на граѓаните кои се против изградбата на депонијата во соседната Општина Новаци, поради страв од зголемено загадување и недоверба во контролата на отпадот.

Зачлени се на нашиот е-билтен