Во чест на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик, Поштата на Македонија издаде специјална поштенска марка, симболично поддржувајќи го јазичното и културно наследство. Марката, со номинална вредност од 36 денари, е изработена од Бирото за филателија при АД Пошта, а нејзиниот дизајн е дело на Лариса Донев. Испечатена е во тираж од 6.000 примероци.
На свечената промоција, Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Координативното тело за одбележување на јубилејот, ја истакна важноста од постојана грижа за македонскиот јазик.
„Македонскиот јазик нема да исчезне, но неговата форма, иднина и развој зависат исклучиво од нас. Тој е сведоштво на нашата култура, обичаи и мисла – жива историја на македонскиот народ“, рече Груевска-Маџоска.
Бојан Керамистески, директор на Поштенски сообраќај, нагласи дека поштенските марки се „културни амбасадори“ што го носат духот на нацијата низ светот.
„Оваа марка е мал уметнички доказ за нашата љубов кон македонскиот јазик и кон делата на многу автори што твореле на него. Таа претставува почит кон минатото и залог за иднината“, изјави Керамистески.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков додаде дека преку оваа марка светот ќе слушне приказна за осум децении јазична зрелост – за генерации писатели, поети, научници и наставници кои го развивале македонскиот јазик.