До септември 2024 година, во секторот за угостителство и туризам во Македонија потрошени се 270,2 милиони евра, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Овие средства потрошени се на храна, пијалаци и ноќевања од страна на домашни и странски туристи, како и на македонските граѓани.
Овогодишниот приход е зголемен за 23,7 милиони евра во однос на истиот период минатата година, кога вкупниот приход бил 246,5 милиони евра. Иако растот делумно се должи на инфлацијата која во угостителскиот сектор изнесувала 5,5%, значителен дел од зголемената потрошувачка е резултат на зголемената активност во кафеаните и кафулињата.
Најголем дел од потрошените средства, 146,1 милиони евра, биле потрошени на храна и напивки, што е пораст во однос на претходната година кога за истото се потрошени 131,3 милиони евра. Потоа следат потрошените средства за пијалаци, кои достигнуваат 56,8 милиони евра, а ноќевањата на туристите ги чинеле 51,2 милиони евра.
Туризмот има значајна улога во овие приходи. Во 2024 година, Македонија привлекла 1.030.681 турист, од кои 360.140 биле домашни, а 670.541 странски. Остварени биле 2.834.406 ноќевања, што претставува зголемување во споредба со 2023 година, кога имало 952.022 туристи и 2.699.279 ноќевања.
Најголеми приходи се остварени во третиот квартал на 2024 година, кога угостителскиот сектор генерирал 115 милиони евра, што сочинува 42,6% од вкупниот приход за деветте месеци.
Извор Пари