Традиционалното македонско макало, чија основа е лукот, доби глобално признание како најдобар сос според престижниот сајт „Тејст Атлас“ (TasteAtlas).
Макало е едноставно, но вкусно јадење, кое се подготвува со комбинација на лук, топло масло, вински оцет, вода и сол. Во основниот рецепт често се додаваат состојки како сув црвен пипер, сечкан магдонос, лути пиперки, ореви, млеко или јогурт за дополнителен вкус.
Постојат бројни варијации на макалото, кои вклучуваат печени пиперки, модар патлиџан, зелени или црвени домати, па дури и варени компири. Се сервира како сос, намаз или предјадење, најчесто во комбинација со леб, сирење или скара.
Како да го подготвите макалото?
Потребни состојки: Лук, масло, оцет, вода, лути печени пиперки, сол, магдонос
Начин на подготовка:
Исчистете и измијте го лукот, па ставете го во дрвен сад или блендер. За автентичен вкус, се препорачува лукот да се пасира рачно во дрвен сад.
Додадете сол и продолжете да го пасирате додека не добиете мазна текстура слична на мајонез.
Постепено додавајте масло, оцет и млака вода, мешајќи постојано додека состојките не се соединат.
По желба, додадете ситно сечкани печени пиперки и магдонос.
Послужете со свеж леб и уживајте!
Макалото, со својата уникатна комбинација на вкусови и текстури, е симбол на македонската традиционална кујна и совршен избор за секоја трпеза.