Сите подготовки за утрешните предвремени избори за градоначалник на Брвеница се завршени, а проблемот со фингерпринт-апаратите е надминат. Во функција се 24 уреди за биометриска идентификација на гласачите, обезбедени се и резервни апарати, изјави претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Маричиќ потврди дека ДИК се соочила со проблеми околу функционирањето на системот за биометриска идентификација, по истекувањето на договорот за негово одржување. Сепак, според него, навремено биле преземени сите потребни законски постапки за непречено спроведување на изборите.
Со претходна подготовка и одобрение од Бирото за јавни набавки, ДИК спровела постапка со која е обезбедена функционалноста на уредите што ќе се користат на утрешното гласање.
„Сè е подготвено за утрешното гласање во Брвеница. Имаме 24 апарати во функција за целосно спроведување на изборите, но имаме и резервни апарати“, истакна Маричиќ.
Тој нагласи дека решението е обезбедено согласно законските процедури, со што е отстранет ризикот од технички проблеми поврзани со биометриската идентификација на гласачите.
Маричиќ најави дека во следниот период се очекува спроведување нова јавна набавка за софтверската поддршка на преостанатите околу 4.000 фингерпринт-апарати што се користат на изборите во Македонија.
Според него, целта е системот да биде целосно функционален и подготвен за секој следен изборен циклус, без разлика кога ќе бидат распишани изборите.
Претседателот на ДИК ја истакна и важноста на биометриската идентификација за довербата на граѓаните во изборниот процес.
Според неговата оценка, фингерпринт-апаратите во изминатите пет години придонеле за спречување изборни злоупотреби и за поголема сигурност при идентификацијата на гласачите.
Маричиќ посочи дека Македонија била меѓу првите земји во регионот што ја вовеле оваа технологија при гласањето, додека сега и други држави постепено започнуваат со примена на слични технолошки решенија.
„Изминативе години имаме огромна поддршка од граѓаните, затоа што со овие фингерпринт-апарати се спроведуваат избори на кои е невозможно лажирањето“, изјави Маричиќ, оценувајќи дека технологијата значително ја зајакнала довербата во изборниот процес.
Тој порача дека Државната изборна комисија останува целосно посветена на професионално и законито организирање на изборите.
Предвремените избори за градоначалник на Брвеница се закажани за утре, 18 октомври, по смртта на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски во јуни годинава.
Во Избирачкиот список се запишани 16.256 избирачи, а гласањето ќе се одвива на 24 избирачки места, од 7 до 19 часот. За градоначалничката функција се натпреваруваат шест кандидати.

