Марјан Николов: Владата ‘глуми лудило’, манипулира и злоупотребува за просечната кошница за тричлено семејство

Намерата на Владата, потрошувачката кошничка да се пресметува за тричлено семејство, наместо за четиричлено семејство, во неа да има само сезонско овошје, одмор во Дојран, бидејќи странството е луксуз, без алкогох и цигари, предизвика бројни коментари во јавноста, особено на социјалните медиуми.

Директорот на Центарот за економски анализи во објава на фејсбук напиша:

„Владината претпоставка за тричлено семејство јасно ми е дека доаѓа од анкетата за потрошувачка на домаќинствата – АПД (последен податок кој е достапен покажува 3,05 просечен број на членови). Но Владата ‘глуми лудило’ кога манипулира и ја злоупотребува бројкава како ним и на капиталот им одговора“, напиша Николов.

Во подолгата анализа тој вели дека истата АПД (анкета за потрошувачка на домаќинствата, заб.) покажува дека најбогатите 10 отсто употребиле речиси за 10 пати повеќе средства во денари од 10 отсто најсиромашните, а 20 отсто најбогати располагаат со шест пати повеќе приходи од 20 отсто најсиромашни (повеќе од 200 илјади граѓани се сиромашни) и тие го земаат тој статус за да го цементираат и следат редовно во владината кошничка.

„Значи, прво, немаат намера ниту очекуваат нивните политики да ја сменат сиромаштијата на потрошувачката туку едноставно за нив, ја земаат здраво за готово барем до наредни избори. Колку сиромашни сега, толку и во иднина“, вели Николов.

Според него и оваа Влада само ја продолжува агонијата на јавните финансии со тоа што ја продолжува низата на трајни годишни корисници на трансфери од буџетот и на пензиите за намалување на сиромаштијата. Имено, како што посочува, сиромаштијата како показател се преполовува со трансферите и со исплатените пензии што меѓугенерациски создава неефикасност, што укажува дека Влада не ги третира како ресурс сиромашните сограѓани туку како трајни корисници т.е., закрепостени граѓани закачени за буџетот и злоупотребувани во политичката економија и циклус на вработување корелиран со политичкиот циклус и последно, Владата нема намера ниту очекува структурна промена на економијата.

Трето, вели Николов, Владата треба да знае дека концентрацијата на сиромаштијата е кај возрасната група од 0-17 години, па тој просек од три члена, а не и потрошувачка единица прилагодена за овој факт каде домаќинствата имаат економска загуба за водење на грижа за младите (бидејќи Влада не води грижа за нив) не е земен во предвид. Дополнително, ја разоткрива неискреноста за водење на грижа за младите, тие да останат во земјава и дека воделе грижа за човечкиот капитал.

Тој исто така смета дека Владата треба да знае дека е поразително и срамно да се види фактот дека кај вработените има повисока стапка на сиромаштија отколку кај пензионерите и кога го преферираат капиталот наспроти работникот.

„Значи, поголема е веројатноста да бидете сиромашен ако сте вработен отколку ако сте пензионер“, вели Николов.

Понатаму, како што пишува, во структурата на расположлив доход кај најсиромашните 20 отсто скоро 40 отсто се платите, а кај најбогатите 20 отсто платите се скоро 70 отсто.

„Најсиромашните 10 отсто користат речиси 60 отсто од средствата за храна и безалкохолни пијалоци, а 10 отсто најбогатите за храна користат околу 35 отсто од своите средства, но најбогатите 10 отсто штедат 5 отсто од своите средства, а најсиромашните штедат помалку од 2 отсто“, вели Николов.

Како што посочува, најсиромашните имаат идни економски трошоци и генерираат економски трошоци и за здравствениот систем бидејќи кај нив нема превентивно лечење и водење на квалитетен живот како кај најбогатите.

„Овој економски трошок може во иднина да ги надмине продобивките кои Владата ќе ги ќари краткорочно од инаетот кој го води за да биде по нејзино со минималната кошничка. Но, бидејки политичкиот циклус е пократок од економскиот циклус на благосостојба на граѓаните Владата за тоа воопшто не се грижи ниту пак го зема во предвид“, нагласува Николов, додавајќи дека околу 50 отсто од вработените земаат нето плата под 30 илјади денари.

„Има уште многу, ама на Владата не можеш ништо да им докажеш. Тие сѐ знаат“, коментира во објавата Николов.

Просечната кошница на Владата беше најавена деновиве и се очекува наскоро да биде презентирана пред јавноста. Минатат недела заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, изјави дека ќе се настојува просечната кошница да биде претставена пред Економско-социјалниот совет до крајот на овој месец, со забелешка дека сите заклучоци кои се носат таму имаат советодавно дејство, што значи дека евентуалното противење на синдикатите или работодавците нема да ја спречи нејзината примена.

Ристески рече дека податоците од просечната кошница ќе се користат единствено како насока за спроведување на економските политики во заштита на животниот стандард на граѓаните, а не за политиканство, како што било до сега.

Зачлени се на нашиот е-билтен