„Марш за ангелите“: бараме правда за смртта на нашите деца, министерот Тошковски да си даде оставка

На точно шест месеци од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 62 лица, родителите и семејствата на жртвите вчера повторно излегоа на улиците на градот со пораката дека бараат одговорност и правда за загубените животи.

„Маршот за ангелите“ изминатите шест месеци се одржува секоја сабота, а вчера маршот започна од „Паркот на револуцијата“ и продолжи кон судот и обвинителството во Кочани. Родителите порачаа дека не се доволни само кривичните постапки против менаџерите на дискотеката, туку мора да има и институционална одговорност.

„Институциите не ја завршија својата работа, а тоа значи дека и државата има одговорност. Не е доволно да се казнат неколку менаџери. Потребна е одговорност и за оние што дозволиле клуб без дозвола да работи, и за сите што со своето молчење учествувале во ова злосторство“, изјави Васка Лазарова, мајка на настраданиот фудбалер Андреј Лазаров.

Сопругата на загинатиот полицаец од Пробиштип, Јованка Тодоровска, истакна дека институциите не покажале никаква грижа за семејствата на жртвите. „Пет месеци ја чекам таа пензија. Пет месеци документите се чувани во МВР Пробиштип. Пет месеци никој не ме прашал како сум поминувала до сега, никој!“, рече Тодоровска.

Учесниците на протестот побараа оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со оценка дека трагедијата е резултат на системска слабост, корупција и неодговорност.

Зачлени се на нашиот е-билтен