„Марш за ангелите“: Родителите на загинатите во Кочани бараат правда – „Корупцијата убива побрзо од пожар“

фото Ангел Ангеловски

Денеска во Скопје започна протестниот „Марш за ангелите“, организиран од семејствата на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Маршот симболично започна точно во 12:05 пред Јавното обвинителство, како критика за задоцнетата реакција на институциите и недостигот од одговорност.

Маршот ќе продолжи по централните улици на главниот град, со застанување на плоштадот „Македонија“, а ќе заврши пред Собранието на Република Северна Македонија. Со транспаренти на кои пишува „Корупцијата убива побрзо од пожар“, „Системот убива, институциите молчат“ и „Повселективна одговорност не е одговорност“, родителите упатија силна порака – бараат правда, одговорност и крај на институционалната негрижа.

„Ние заслужуваме одговори. Ние не сме правници и не ја разбираме логиката на ‘притвори па пушти’. Свесни ли сте што правите со нашата доверба во системот, веќе целосно разнишана? Секоја ваша нејасна одлука е уште едно бодеж во нашите веќе скршени срца“, стои во јавното обраќање на семејствата.

Родителите порачаа дека нема да застанат додека не добијат одговори за тоа зошто нивните деца ја загубија животот, кој потфрли, и кој ќе понесе одговорност.

„Ова не е само нашата болка – ова е болка на целото општество. Граѓаните не смеат да се навикнуваат на неказнивост и молк,“ велат тие, повикувајќи ја целата јавност да им се придружи во борбата за правда.

Зачлени се на нашиот е-билтен