Марта Димитриевиќ, чудо од дете, осмооделенка, одлична ученичка во ООУ „Мирче Ацев“ – Скопје, со својот коњ Калатус, откако по ред ги сруши сите рекорди и ги освои сите медали во Македонија, пред неколку недели во Ковилово (Белград), го освои прво место во дисциплината прескокнување пречки од 100 сантиметри, победувајќи ги сите 18 натпреварувачи од Србија, Хрватска и Македонија и тоа со предност од 13 секунди пред второпласираниот. Во 2023 Марта освојува вкупно 12 медали, од кои 10 за освоено прво место, 2 за второ место. Таа е државен првак во класа Д-80 см. Во нејзиното прво медиумско интервју дадено за порталот Рацин.мк Марта говореше за нејзината емотивна врска со коњот, нејзините успеси на натпреварите, големиот број на медали и нејзините идни планови.
Со Марта Димитриевиќ разговараше Хусамедин Гина
13 годишната Марта Димитриевиќ е активен член на коњички клуб „Илинден“. Нејзиното прво запознавање со коњот започнува уште на нејзина 5 годишна возраст во ранчот во селото Галичник, во Општина Маврово и Ростуше, каде што го поминува летниот одмор.
Од тој ден, започнува нејзината љубов кон коњите, поточно кон животните. Во 2023 во дисциплината прескокнување пречки освојува вкупно 12 медали, од кои 10 за освоено прво место, 2 за второ место.
Интервјуто со Марта го реализиравме во коњички клуб, каде што е најсреќна и го поминува најголемиот дел од денот. И покрај тоа што ова беше нејзино прво медиумско интервју, Марта прашањата ги одговара како да пораснала пред камери, голема самодоверба, јасни и прецизни одговори.
Секако започнавме со прашањето зошто коњички спорт, кога веќе во светот има многу попопуларни спортови, како што се тенисот, кошарката, ракометот Марта рече:
„Морам да кажам дека не се согласувам со вас затоа што можеби во Македонија спортот не е доволно развиен, и не е популарен, но надвор во светот и те како е. Овој спорт е многу префинет и е многу по различен од сите други“
Марта има преголема љубов кон животните. Покрај два коња, еден во Галичник, еден во Скопје, има два папагали, Пако и Скарлет, многу мачиња, куче далматинец по име Бонго, а порано исто така чувала и магаре.
Коњот на Марта се вика Калатус. За него се грижат вработените во коњичкиот клуб „Илинден“ и секако Марта и нејзините родители, особено во делот за потковување на коњот, здравствените прегледи, вакцините и за додатоци на исхрана.
Јавањето коњ е единствениот спорт кои се прави од страна на две живи суштества. Човек и животно.
„Кога јавам коњ најбитно е да имаме меѓусебна почит, љубов и доверба. Се разбира коњот е своеглаво животно којшто може на моменти да се исплаши од нешто и колку и да е послушен може да дојде и до големи незгоди. Повеќето коњи, еве на пример како мојот доколку не сака, и не му се допаѓаш како личност, нема ни да ти дозволи да го јаваш“
Коњичкиот спорт има 3 дисциплини, тоа се прескокнување пречки, дресура и крос – кантри. Марта се занимава со прескокнување пречки, каде што на натпреварите има дрескод којшто мора да се почитува. Потребно е да се носат бели или кремасти чакшири (хеланки) . Блузичка со бела крагна и сако. Има паркур односно повеќе поврзани пречки којшто треба да го поминеш чисто со ниту една бутната препрека и во дозволено време. Тој што има најбрзо време и што нема казнени бодови, односно нема ниту една бутната пречка или има најмалку казнети бодови, го освојува првото место.
За тоа дали и како ја воспоставува емотивната врска со коњот, Марта нагласи:
„Воспоставувањето на емотивна врска со коњот е една од првите чекори на успешна соработка со него. Постојано разговарам со него. Без разлика дали тоа било преку зборење или со говор на тело. Вака гледано со него разговарам како со човек“.
За да може да учествува на натпревари најпрво коњот треба да има основна обука во дресура, да биде физички спремен и здравствено способен.
„Мојот коњ, како што реков е многу искусен и можеби, првата недела, последната недела всушност пред натпреварот да поминам многу лошо, да сме нервозни, но знам дека кога ќе дојде време за натпревар, кога ќе заѕвони ѕвоното тој се буди и станува по жив, веќе е спремен, оди сам напред, дури и не треба да го тераш он е веќе радосен и среќен што треба да скока“.
Коњот на Марта е од расата холштајнер. Нејзиниот коњ, како што ни посочи Марта многу сака да јаде трици со јаболка и со морков.
Марта уште од мала има „ќеиф“ да има коњ од расата холандски топлокрвен.
„Тие коњи се на врвот на скокањето и се многу интелигентни. Моментално се задоволувам со својот холштајнер“, вели Марта и додава „ова е многу скап спорт“.
За големиот успех во Белград од пред неколку недели, Марта истакна:
„Еве најпрвин би кажал дека ова ми е прво натпреварување надвор и бев многу возбудена и на некој начин беше дури страв да не згрешам или да не успеам. И еве ќе кажам до тоа прво место стигнавме со многу напорно тренирање, со помош на моите родители и со помош на моите тренери се разбира и со помош на мојот клуб“.
Во 2024 година, каде што натпреварите допрва започнуваат Марта веќе има освоено едно прво место и две втори места. Чудото од дете Марта има големи планови и за во иднина. Најпрво сака да оди на Балканијада и да постигне успеси на тоа натпреварување. Потоа добри резултати и на европско ниво. И еден ден, секако на самиот врв на коњичкиот спорт, односно на Гранд при натпревари и на Олимпијада.