Мартин Костовски е кандидат за градоначалник на Куманово од СДСМ

Со објава на својот профил на Фејсбук, Мартин Костовски ја најави својата кандидатура за градоначалник на Куманово од редовите на СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори.

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово“, напиша Костовски, упатувајќи благодарност до раководството на партијата и до претседателот Венко Филипче за укажаната доверба. Тој истакна дека поддршката која ја добива од граѓаните е јасен сигнал дека „Куманово бара промени“.

Костовски упати жестоки критики кон актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, обвинувајќи го за пропадната инфраструктура, урбанистички хаос и, како што рече, „бизнис интереси спакувани во политички амбалажи“. Според него, Димитриевски ги изневерил граѓаните и станал „пион на Мицкоски“.

„Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во раце на кумановци“, порача Костовски, најавувајќи директна комуникација со граѓаните и работа во нивен интерес. Тој додаде дека СДСМ ќе се обедини и ќе се врати посилна од кога било.

„Одиме на победа!“, завршува неговата објава.

Зачлени се на нашиот е-билтен