Маршот започна точно во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, каде масата носеше пароли со пораки што силно одекнуваа: „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“ и „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“. Колоната продолжи кон Собранието, а завршницата е предвидена пред Основниот кривичен суд во Скопје.

Овој протест е првиот од ваков тип во главниот град, организиран од граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, по низа саботни собири што ги одржуваа родителите во Кочани. Нивната порака останува непоколеблива: „Не сакаме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка“.

Родителите велат дека ќе продолжат додека не се утврди целосната одговорност за трагедијата и апелираа до граѓаните да застанат рамо до рамо со нив.
Организаторите пред маршот повикаа:
„Секоја поддршка е сила. Да покажеме дека болката не нè скршила и дека борбата за вистинска правда продолжува.“
Паралелно со протестот, институциите најавија засилена подготвеност за претстојниот судски процес. Основниот кривичен суд, Обвинителството и Адвокатската комора соопштија дека ќе преземат сите неопходни мерки за ефикасно водење на постапката за случајот „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а уште околу 200 беа повредени.

Првото рочиште е закажано за 19 ноември. За тешки кривични дела против јавната безбедност се обвинети 34 физички и 3 правни лица. Случајот ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, информира државниот обвинител Љупчо Коцевски.

