Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Масовни протести во Скопје – Граѓаните Бараат правда за Фросина Кулакова

Со тага и гнев, илјадници граѓани денес се собраа на раскрсницата кај „Силбо“ во Скопје, барајќи правда за Фросина Кулакова, која трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа. Насобраните положија цвеќиња и запалија свеќи, додека улиците одекнуваа од извици за одговорност и правда.

Протестантите носеа транспаренти со пораки како „Судии, рацете ви се крвави“ и „Сите одиме кај ист судија, а таму има само една правда“, директно обвинувајќи го правосудниот систем за корупција и неказнивост. Мнозина ветија дека нема да дозволат случајот да биде заборавен и дека ќе продолжат да се борат за правда.

Според Основното јавно обвинителство, 20-годишниот возач кој ја усмрти Кулакова немал возачка дозвола, бил под дејство на алкохол, возел со брзина над дозволената брзина и поминал на црвено светло. Претходно бил осуден за неовластено производство и продажба на дрога, но бил третиран во воспитно-поправен дом. Сега му се заканува затворска казна од најмалку четири години за загрозување на јавната безбедност.

Очевидци го опишаа моментот како сцена што никогаш нема да ја заборават. Сопствениците на дуќани во близина сведочат: „Глетката е страшна. Мајката, сестрата и таткото на Фросина беа во шок. Три ноќи не можам да заспијам“. Некои укажаа дека семафорите не работеле, а додека две ленти ја пропуштиле Кулакова, возачот во третата лента не запрел.

Оваа трагедија дополнително го разгоре незадоволството околу безбедноста во сообраќајот и благите казните за повторни прекршители. Демонстрантите бараат построги мерки за несовесните возачи и реформи во правосудниот систем.

Организаторите ги повикаа граѓаните да се приклучат на идните протести, истакнувајќи дека овој случај не смее да биде заборавен.

Зачлени се на нашиот е-билтен