Најтешко повредениот преживеан пациент од трагедијата во Кочани, 18-годишната Мелани Тасева по шест месеци во болница се врати дома, објави Плусинфо.
Несреќата на 16 март остави сериозни последици врз младата девојка – опасност по живот, бројни изгореници и интоксикација со гасови. Првично била хоспитализирана во приватната болница „Жан Митрев Клиник“, а потоа префрлена во Воено-медицинската академија во Белград, по што повторно се врат на лекување во Македонија.
Родителите на Мелани велат дека чувството кога нивното дете повторно се вратило дома е непроценливо.
„Мелани е дома и се опоравува. Поминавме низ многу непроспиени ноќи, стравови и надежи. Мелани беше хоспитализирана во две клиники, а патот до нејзиното излекување беше трнлив и тежок. Но принципот на работа, темелноста и стручноста на докторите, се разликуваше од клиника до клиника. Но упорноста и пожртвуваноста на тимот, темелноста и мултидисциплинарниот пристап доведе до нејзино излекување“, изјавил таткото за Плусинфо.