Меморабилиите од посетата на Папата Франциск на Северна Македонија

Плакетата што како подарок и признание за посветеноста им беше доделена на клучните луѓе што раководеа со одделните активности во организацијата на подготовките и самиот пречек и престој на Папата Франциск на Република Северна Македонија, е едно од сведоштвата за овој голем историски настан од современата историја на нашата земја.

Папата Франциск, кој на 21 април почина на 88-годишна возраст, беше првиот поглавар на Римокатоличката црква кој ја посетил Македонија. 

Посетата се случи пред шест години, односно на 7 мај 2019 година, а беше дел од неговата тридневна турнеја под мотото „Не плаши се мало стадо“ и имаше за цел да ја охрабри во верата малата, но жива македонска католичка заедница, но и македонското општество, кое во тој период донесе големи одлуки и направи важна пресвртница за остварување на стратешките цели – членството во НАТО и ЕУ.

На плакетата на која во форма на бронзен медал е испишано „Посета на Бугарија и на Република Северна Македонија, од 5 до 7 мај, 2019 година“, се изгравирани ликовите на Папата Франциск и на скопјанката Мајка Тереза, која папата ја прогласи за светица три години пред тоа.

На реверсот на бронзената плакета е печатот на Папата Франциск како поглавар на Католичката црква аплициран преку клучевите на Свети Петар, кои се централниот симбол на државниот грб и знамето на Ватикан.

Три години подоцна Комисијата за односи со верските заедници и Католичката црква во Македонија ја промовираа монографијата за посетата на папата Франциск во Скопје насловена „Историска посета на светиот отец – прво македонско добредојде за папата Франциск“.

Зачлени се на нашиот е-билтен