Менструацијата не е срам, туку право

На 28 мај, светот го одбележува Денот на менструалната правда – ден кога вниманието се насочува кон прашањата поврзани со менструацијата, менструалната сиромаштија и човековите права. Овој ден не е само симболичен, туку и гласен повик за прекинување на молкот, табуата и дискриминацијата што ја следат менструацијата – особено во заедници каде пристапот до основна хигиена и информации е ограничен.

Во Северна Македонија, оваа тема сè уште останува на маргините на јавниот дискурс, иако влијае врз здравјето, образованието и достоинството на илјадници девојчиња и жени.

„Менструацијата не е приватна грижа – тоа е општествено прашање“, вели Теодора Милеска, коосновачка на организацијата PERIOD, активистка и гласна борка за менструална правда. Таа укажува дека проблемот не е само финансиски, туку и културен, едукативен и системски.

„Кога зборуваме за менструална правда, зборуваме за достапни и бесплатни производи, за образовни политики, за инфраструктура. Тоа е клучно за да може секоја девојка и жена да го постигне својот целосен потенцијал“, додава Милеска.

Сиромаштија, срам и неправда

Иако е намалено ДДВ-то за хигиенски производи, цените остануваат недостапни за многу млади, особено во руралните средини. Инфлацијата ја „појаде“ секоја придобивка, а институционалната поддршка останува недоволна.

Дополнителен проблем е лошата инфраструктура: многу училишта немаат пристојни тоалети, што го прави менаџирањето на менструалната хигиена невозможно. Недостигот од едукација е исто така сериозен – менструалното образование е селективно, често исклучува момчиња и доаѓа предоцна, кога штетните предрасуди веќе се формирани.

Ветувања на хартија, реалноста празна

Иако Град Скопје најави обезбедување на бесплатни производи за ученички – тоа остана само на хартија. Единствена позитивна промена е препознавањето на менструалната сиромаштија во Националната стратегија за млади, каде се предвидуваат локални фондови за набавка на производи.

„Според анализите, потребни се само 0.08% од државниот буџет за да имаме бесплатни производи за сите девојчиња и жени. Тоа е смешна сума ако сакаме вистинска еднаквост“, истакнува Милеска.

Од зборови кон дела: млади, активни и гласни

Организацијата PERIOD презема иницијативи надвор од главниот град – со филмски каравани, квизови и интерактивни предавања. Младите од Штип, Македонски Брод и Крива Паланка веќе имаа можност да учествуваат во едукативни настани што ја отвораат темата за менструацијата на искрен и прилагоден начин.

На крајот, Теодора Милеска им упатува порака на сите млади:

„Младите веќе не се само иднина – тие се двигатели на промени. Ги повикувам сите – и девојки и момчиња – да зборуваат, да учат и да бараат подобри услови. Менструацијата не е приватна грижа – тоа е општествено прашање.“

Зачлени се на нашиот е-билтен