Месо, грицки, сувомеснати – Над 2 тона небезбедна храна откриена на пазарот во иминатите три месеци

По добиено известување од полициски службеници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Министерството за внатрешни работи, извршила претрес на домот на возачот на патничко возило. При рутинска контрола, откриено е значително количество кондиторски производи со поминат рок на употреба.

Во соопштението на АХВ се наведува дека во возилото биле пронајдени 34 пакети флипс производи и 35 пакети оризови барови со различни вкусови, како и други грицки. Вкупната количина на пронајдените небезбедни производи изнесува 250 килограми.

По утврдувањето дека производите се со поминат рок, инспекциските служби на АХВ ги одземале и ги прогласиле за небезбедни за потрошувачите. Тие се продавале на скопскиот пазар за стари работи во Маџари, како и на пазарот во Шуто Оризари.

Нелегалниот продавец е казнет со парична казна од 400 евра во денарска противвредност, а издадена е наредба за уништување на сите пронајдени небезбедни производи.

Небезбедно месо во див магацин во Маџари

По добиеното известување од Министерството за внатрешни работи за нелегално функционирање на магацин за храна во скопската населба Маџари, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со полицијата, спроведе вонреден инспекциски надзор. Во објектот, кој не бил регистриран како оператор во АХВ, откриени се 40.751 килограми небезбедни производи, вклучувајќи сувомесни и кондиторски производи. Сите овие производи беа нештетно уништени.

Во продолжение на инспекцијата, во дворот на магацинот, МВР заплени комбе со 360 килограми небезбедни сувомесни и кондиторски производи, кои исто така беа уништени. АХВ ја проверуваше документацијата на увозникот на овие производи, при што беше утврдено дека дел од нив содржеле зголемени количини на фосфати, што беше потврдено со лабораториски наоди.

Пратките од небезбедните сувомесни производи не беа нештетно уништени од страна на дистрибутерот, кој, иако имал законска обврска, не го направил тоа. За тоа, му била издадена фиктивна потврда за уништување од овластена депонија. При спроведениот надзор, во објектите на дистрибутерот беа пронајдени дополнителни 40.053 килограми сувомесни производи, кои исто така беа подложени на уништување.

За прекршокот, на правното лице кое стопанисувало со дивиот магацин му беше изречена казна од 18.000 евра во денарска противвредност, додека одговорното лице беше казнето со 1.500 евра.

Уништени два тона небезбедна храна од тобако во Скопје

По иницијатива од граѓани, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во декември спроведе вонредна инспекциска контрола во киосци (тобако) во Скопје. При контролата, пронајдени се 1920 килограми небезбедна храна со поминат рок.

АХВ издаде решение за уништување на храната, а операторот кој стопанисува со киосците доби парична казна.

Во друг случај, во Битола, инспекциските служби уништија 241 килограм небезбедна храна. За прекршокот, операторот доби казна од 600 евра, а одговорното лице 300 евра.

Во Охрид, при редовен надзор, казнет е маркет за пуштање во промет небезбедни производи без декларација и со поминат рок. Казната изнесува 1400 евра (1000 евра за правното и 400 евра за одговорното лице).

АХВ потсети дека операторите со храна мора да ги почитуваат задолжителните здравствени прегледи за вработените, бидејќи за непочитување се изрекуваат дополнителни казни.

Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со интензивирање на мерките за сузбивање на нелегалната трговија со храна. Граѓаните може да пријават било какви случаи на нелегална трговија на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22, преку електронска пошта на info@fva.gov.mk или лично во Агенцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен