Медиумите во Велика Британија изминатите два дена како свои централни вести ги пласираа информациите дека за време на посетата на Тирана за да уествува на самитот на Европската политичка заедница, премиерот Кир Стармер ќе разговара со некои од лидерите на Западен Балкан за организирање на „центри за враќање“ на мигранти во регионот пред да бидат депортирани во нивните матични земји.
Британски „Стандард“ објави дека Кир Стармер ги потврдил разговорите за испраќање на одбиени баратели на азил во „центри за враќање“ во трети земји, а потоа и самиот премиер објави деказа време на посетата на Албанија Владата ќе започне со истражување на можноста за обработка на некои мигранти во трети земји пред депортацијата
За време на самитот во Тирана албанскиот премиер Еди Рама посочи дека неговата земја не е отворена за сместување на центри за враќање во Велика Британија.
„Неколку земји нè прашаа дали сме отворени за тоа, а ние рековме не, бидејќи сме лојални на бракот со Италија, а останатото е само љубов“, им рече тој на новинарите во Тирана кои поставија прашања на оваа тема.
Од друга страна Даунинг стрит потврди дека Велика Британија влегува во поголема соработка со земјите од Западен Балкан во борбата со бандите за трговија со луѓе кои го олеснуваат преминувањето на мали чамци до Велика Британија од Франција.
„Заедничката работна група за миграција со Албанија и Косово ќе биде проширена за да ги вклучи Северна Македонија и Црна Гора, во обид да се спречат миграциските рути низ Балканот“, напиша Стандард врз основа на добиените информации од Даунинг 10.
Оваа инфорација ја потврди и британски Би-Би-Си во анализа во која се наведува дека „секоја шема за центри за враќање (на мигранти) би барала од службениците да склучат договори со земјите каде што се сместени центрите“.
„Тековните предлози се фокусирани на земјите од Западен Балкан – регион кој ги вклучува Албанија, Србија и Босна и Херцеговина“, според Би-Би-Си.
Индициите за намерите на Владата на Обединетото Кралство и на Северна Ирска се препозанаваат и во соопштението од кабинетот на премиерот Кир Страмер во врска со Договорот за стратешко партнерство со Северна Македонија.
Во соопштението, покрај вообичаените фрази од средбата Стармер-Мицкоски се вели:
Лидерите, исто така, разговараа за неодамнешниот договор на Северна Македонија за приклучување кон Заедничката работна група за миграција, дополнително зајакнување на регионалната соработка за спречување на нерегуларни мигранти што транзитираат низ Балканот и спречување на криминалните банди што им помагаат.
Од Владата на Северна Македонија немаше ниту збор за овој дел од разговорите меѓу двајцата премиери во Тирана, па оттаму сега Мицкоски треба да одговори дали партнерството со Обединетото Кралство е поврзано со кампови за мигранти во Македонија и за приклучувањето Северна Македонија за приклучување кон Заедничката работна група за миграција и што точно значи тоа.