Во изборна година, макар и за локални избори, шините повторно стануваат симбол на напредок. Дали сонот ќе стане реалност или ќе остане само политички маркетинг, прашува Мета.мк во анализата што ја објавуваме во целост.
Горан РИЗАОВ*
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави „инфраструктурен бум“ во железницата. Реконструкција на целата пруга долж Коридорот 10 (Табановце–Гевгелија) и модернизација за патничките возови кои ќе тераат со просечна брзина од 160 километри на час. Според Мицкоски, по завршувањето на овој проект товарните возови би се движеле со просечни 110 км/ч, што како што пресмета тој, е четири пати побрзо од сегашниот просек. Премиерот очекува „најмалку 10 пати“ повеќе железнички транспорт на стока и годишен приход на „Македонски железници“ од 100 до 120 милиони евра. Оваа изјава премиерот ја даде при поставување камен-темелник за училишна спортска сала, одговарајќи на новинарско прашање при што говореше за „План за инфраструктурен бум“ од околу 2 милијарди евра што опфаќа и вложувања во здравството и енергетиката.
„Ќе се модернизира и реконструира Коридорот 10, железничката пруга од Табановце до Гевгелија. Откако сето тоа ќе биде завршено граѓаните ќе патуваат и ќе можат да го користат железничкиот транспорт со брзина од 160 километри на час, просек. А карго возовите, мислам дека еден таков поминува сега, тие ќе можат, наместо сегашните, во одредени делници од 10 до 15 километри на час, да возат 110 километри на час во просек. Што значи најмалку четири пати повеќе од сегашниот просек“, истакна Мицкоски. Тој додаде оти крајната цел е Македонски железници да достигнат годишен приход помеѓу 100 и 120 милиони евра.
Според премиерот, големата инвестиција во реконструкција на Коридорот 10 ќе биде најавена за неколку денови и ќе биде во форма на договор влада со влада без да прецизира за која странска држава станува збор.
На прашањето дали тоа ќе биде дел од Планот за раст Мицкоски рече дека само делумно е така.
„Дел од Планот за раст, но и дел од најавената инвестиција која што на основа на Влада со Влада договор ќе го потпишеме. Многу скоро, веќе не се недели, денови се во прашање, македонската јавност точно ќе знае за што станува збор“, рече Мицкоски.
Ова најново ветување звучи како револуција на шините за Македонија, каде моменталната просечна брзина на патничките возови е околу 40 км/ч. Но, вакви оптимистички прогнози за железницата имаше и порано.
Ветувањето за 160 км/ч возови по Коридорот 10 доаѓа во време кога патнички возови не сообраќаат ниту кон Солун, ниту, пак, кон Белград. Затоа, неопходно е да се согледа оваа најава во контекст на претходните изјави и досегашните (не)реализирани проекти во железничкиот сектор.
Повторување на старите приказни
Не е првпат актуелната власт да најавува грандиозни железнички проекти. Уште во јули 2024 година, само неколку дена откако беше избрана, Владата на ВМРО-ДПМНЕ најави дека брзата пруга на Коридор 10 е стратешки приоритет. Министерот за транспорт Александар Николоски тогаш изрази подготвеност за соработка со Србија, која ја реактуелизира идејата за регионална брза железница Будимпешта-Белград-Скопје-Солун. Српските власти најавија дека до 2028 ќе изградат брза пруга до Ниш и ќе бараат средства за делницата Ниш-Табановце. Македонското Министерство за транспорт возврати дека и Скопје е подготвено оти брзата пруга на Коридор 10 е владин приоритет.
Во септември 2024 министеротр за транспорт Николоски уште погласно ја промовираше идејата. Тој отворено изјави дека една од главните причини што станал министер е изградбата на брзата пруга Скопје–Солун. Николоски визионерски зборуваше за поврзување со европските брзи линии на север и југ: според него, за 7 години може да се изгради нова брза пруга по Коридор 10, покрај која „како лего-коцки“ би никнале индустриски зони. Во таа визија, возовите не требаше да сообраќаат со 160 како што рече денеска Мицкоски, туку и до 200 километри на час.
Во реалноста, ваквите најави отворија многу прашања. Особено изненадувачка беше искреноста на Николоски дека дошол на функцијата со цел да ја реализира брзата пруга до Солун. Ваквите залетувања добија и нота на политичка маркетинг-симболика.
Во меѓувреме, помеѓу најавите за возови од 160 и од 200 км/ч во правец Север-Југ, истата оваа влада се фалеше со проект кој во споредба делува скромно: ги пушти во употреба првите 30 километри пруга од Куманово до Бељаковце, дел од Коридорот 8, Исток-Запад.
На самиот чин на сечење лента, премиерот Мицкоски изјави дека Коридорот 8 е подеднакво стратешки проект како и Коридорот 10, уверувајќи дека Владата ги смета двата коридори за приоритетни.

Три децении тргни застани, па почекај
Железничкото поврзување со Бугарија (Коридор 8, источен крак) претставува сага стара 30 години. Не случајно, изградбата на пругата кон Бугарија ја ветуваа сите политички елити во изминатите три децении. Амбициозниот проект стартуваше уште во деведесетите, но досега остана неисполнет сон. Првичниот пробив заврши неславно, изграден беше еден дел од пругата, па пауза. Со нова динамика се почна дури во 2014 година, кога беа обезбедени кредити од ЕБОР и ЕУ грантови за фазно продолжување. Сепак, работите повторно заглавија во бирократија и поништени тендери. Наместо до 2016, па до 2020 година, роковите неколкупати се пролонгираа. Дури во последниве години проектот повторно заживеа: кон крајот на 2022 година официјално почна градба на втората фаза кон Крива Паланка, а во јануари 2025 година владата ја пушти во употреба првата делница од Куманово до Бељаковце која се градеше исклучително бавно. Останува уште буквално долг пат до комплетирање на пругата до бугарската граница на Деве Баир.
Но, наместо засилена реализација, новата влада во втората половина на 2024 испрати контрадикторни пораки. Неколку дена по изборот на владата на Мицкоски, во јули лани, од владини претставници се слушна дека пругата кон Бугарија е проектирана како „најскапата во светот“ и завршува во тунел без излез на бугарската страна.
На крајот на август премиерот Мицкоски дури обелодени дека му бил нуден поткуп за да стави потпис на тендерот вреден 560 милиони евра за изградба на третата фаза од пругата кон Бугарија. Тој тоа го соопшти на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали во следниот период приоритет на Владата ќе биде само Коридорот 10. Ниту од Министерството за внатрешни работи, ниту од Јавното обвинителство нема информација дали за овој случај е покрената постапка по допрен глас.
Имаше и најави дека ќе се преиспита (па дури и замрзне) изградбата на источниот крак, а средствата ќе се пренасочат за модернизација на пругата кон Грција. Оваа идеја – да се жртвува Коридор 8 за сметка на Коридор 10 – веднаш отвори низа прашања: дали е тоа воопшто правно и финансиски изводливо, како ќе реагира ЕУ, што ќе значи за односите со Бугарија?

Обврските кон ЕУ и кон соседите очигледно не можат да се прескокнат толку лесно. Коридорот 8 е дел од трансевропската транспортна мрежа и има поддршка од Брисел – за што сведочат десетиците милиони евра неповратни средства издвоени за проектот. Изградбата на пругата до Бугарија е спомената во секој извештај за напредокот на земјава кон ЕУ, а е дел и од Договорот за добрососедство (2017) и неговите протоколи од 2019 и 2022 година. Со самиот договор, Скопје се обрза навремено да ја доврши железничката врска со Софија, што има и геостратегиска димензија, односно поврзување на Јадранското со Црното Море и зајакнување на автономијата на ЕУ.
Во Софија се чини дека будно го следат овој процес: бугарската влада официјално апелираше Македонија одговорно да пристапи кон преземените обврски и да си ги догради своите делници од Коридор 8. Бугарските власти дури тврдеа дека не го одложиле својот дел од пругата туку напротив, го прогласија Коридор 8 за национален приоритет. Од нивна перспектива, од планираните 747 км железница на бугарска територија, останувале за градба само уште 2,5 км – од последната станица Ѓуешево до границата на Деве Баир. Со други зборови, Бугарија порачува дека топката е на наша страна, но изгледа дека ние ќе направиме пас кон друг играч.
Колку се затегна ситуацијата сведочи и малата дипломатска драма од март годинава. Откако Николоски ја обвини Софија дека ја одложува модернизацијата на пругата од нивна страна, бугарскиот министер Гроздан Караџов демантираше тврдејќи дека Бугарија го испратила договорот до Македонија.
„Додека Николоски го зборува ова, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а оттаму до последната станица Ѓуешево – за да го чека македонскиот“, иронично прокоментира Караџов.
Факт е дека во моментов воз од Скопје до Софија нема бидејќи нашата пруга завршува во поле. Останува да видиме дали владата навистина ќе „замрзне“ еден ваков капитален проект (и притоа ќе се откаже од веќе обезбедени европски пари), или сепак ќе продолжи со градба паралелно со плановите за модернизација на Коридорот 10.
Дали (и кога) ќе стигне „возот за Европа“?
Грандиозната визија за железнички препород со возови кои „ќе шибаат“ со 160 км на час несомнено звучи примамливо. Но, судирот на таа визија со долгогодишната реалност буди доза скептицизам дури и кај најдобронамерните набљудувачи.
Европските партнери веќе сигнализираа резервираност: „Не може едноставно да се пренаменат парите од Коридорот 8 за Коридорот 10, нашиот систем не функционира така“, предупреди претходниот евроамбасадор Дејвид Гир минатото лето.
Никола Бертолини од ЕУ-дeлегацијата уште во 2019 година потсети дека Скопје не ги користи доволно евро-фондовите – „Ние дадовме 70 милиони евра за да се комплетира железничката пруга од Скопје до Бугарија и ова уште не е имплементирано. Покрај тоа, дадовме уште 60 милиони евра за истата пруга да продолжи, но оваа програма не напредува како што треба и мора да напредува. Ние ризикуваме многу, да ги изгубиме овие фондови до крајот на проектот, доколку нема никаков напредок“.

Историјата на незавршени пруги (и патишта) во земјава нѐ учи дека скепсата на јавноста е оправдана. Не случајно, самиот поранешен премиер Ковачевски изјави во 2023 година: „Го разбирам скептицизмот на граѓаните“ околу ветувањата за Коридорот 8, алудирајќи на долгата низа изневерени очекувања.
Најавите за „инфраструктурен бум“ вреден 2 милијарди евра не доаѓаат во вакуум – тие следат по низа неисполнети рокови, раскинати договори со изведувачи, па дури и судски процеси за злоупотреби во „Македонски железници“. Оттука, логично е прашањето: дали ова е конечно сериозен план или уште еден предизборен воз без возен ред.
Ако навистина се започне со реконструкција на Коридорот 10, тоа ќе биде за поздрав, но тоа не смее по автоматизам да значи напуштање на Коридорот 8, кој е еднакво важен и за евроинтеграциите и за македонската, но и регионалната економија.
Ако, пак, ниту еден од двата проекти не мрдне од мртва точка, сите раскошни ветувања ќе останат само запишани на хартија и пренесени во медиумите налик на брзи возови на лего-шини што ќе продолжат да кружат во политичката фантазија. Влогот е голем – и за економијата, и за кредибилитетот на владата – па останува да видиме дали железничкиот „бум“ навистина ќе се случи или ќе остане како и досега, само добра приказна за медиумите.
*Горан Ризаов е главен уредник на Мета.мк
Преземено од Мета.мк