Премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека Владата е стабилна, има огромно мнозинство и е фокусирана на реформската агенда и испорака на проекти. Тој најави дека следната недела се очекува да има завршна средба со министерот за здравство Арбен Тараври, на која ќе биде сумирано се што е направено.
-Мислам дека господинот Таравари и неколкумина околу него се одлучени да се вратат во прегратките на Али Ахмети и Демократската унија за интеграција. Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба во текот на следната недела, на која ќе сумираме што е тоа што е направено. Јас можам да му посакам пред се добро здравје, тоа е она кое на сите нас ни е најважно, изјави денеска Мицкоски по увидот во градежни активности на детска градинка во Инџиково, во Општина Гази Баба, одговорајќи на новинарско прашање.
Тој рече дека станува збор за одлука на Таравари да се врати со Али Ахмети, но не е одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето кои што се дел од Владата.
-Морам да кажам дека најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите, но тоа е сепак негова одлука. Убеден сум дека тоа е одлука на малкумина, не е одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето кои што се дел од оваа Влада. Чесно беше и доблесно самиот тоа да го направи, да не ја влече Владата за нос и граѓаните, но полека но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние кои што повеќе од две децении ја пустошеа, ја криминализираа, ја ограбуваа, ја фрлија Македонија на колена, рече Мицкоски.
На прашање дали разговара со други партии за влез во Владата, Мицкоски уште еднаш повтори дека Владата е стабилна и има силно мнозинство во Парламентот.
-Очекувам оваа недела да имаме едно завршно кафе пиење со Тараври. Јас ќе го поканам се разбира. Владата е стабилна, цврста и има силно мнозинство во Парламентот, за да продолжи со реформскиот процес, со процесот на проекти и со испорака за граѓаните, тоа што граѓаните го очекуваат од нас, рече Мицкоски.
На 5 мај Мицкоски и Таравари остварија средба, која беше закажана по превирањата во коалицијата „Вреди“ и тврдењата за соработка на Таравари со ДУИ. Како што брифираа тогаш од владината прес-служба за МИА, средбата поминала во конструктивен дух, а во текот на месецов ќе се знае иднинатата за функционирањето на АА.