Стоиме зад потезите и аргументите на нашиот стратешки партнер, САД, а меѓународното право се кршеше И на грбот на македонските граѓани.
Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски, на прашањето за случувањата во Венецуела и за тоа дали заробувањето на претседателот Николас Мадуро е во согласност со меѓународното право и со повелбата на Обединетите нации.
Претходно министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски ја поздрави оваа операција на САД, а Мицкоски потсети на „громогласната тишина”, кога се кршечо меѓународното право на грбот на македонските граѓани.
„Она што мене најмногу ме загрижува е громогласната тишина од истите тие европски и светски земји. Се случуваше во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на македонските граѓани, и како тогаш сите тие оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. Како сега наеднаш сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било. Имајќи предвид дека познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународно-правни експерти“, рече премиерот.
Мицкоски рече дека меѓународно-правните експерти треба да кажат што било во согласност со правото, а што не.
„Во животот, кога еднаш ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и таа пракса е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб“, вели тој.
Мицкоски на дополнителното прашање дали тоа значи дека целосно поддржува чин со кој една држава влегува и зема претседател на друга држава за да му суди и дали ова е преседан што сега може да се случи каде било, па и во Македонија, премиерот повторно се послужи со примерот на Македонија.
„Преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на Обединетите нации, кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име, кога се лажеа луѓето дека за три-четири години ќе станеме членка на ЕУ. Тоа се вистински преседани. А дали ова што го кажувате е преседан или не, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер САД“, одговори Мицкоски.
На крајот додаде дека имаше и хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше, па тогаш имало „громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат“.
Како што е познато, претседателот на Венецуела Николас Мадуро и неговата сопруга беа заробени преку ноќ како дел од големата американска воена операција во Каракас, во која, како што рекоа властите, учествувале над 150 авиони.