При денешното отворање на комплексот „Македонско село“, премиерот Мицкоски беше запрашан од новинарите да го прокоментира случајот во кој, според тврдењата на СДСМ, фирмата „Салтировски консалтинг“, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип, донирала средства на ВМРО-ДПМНЕ и водела фиктивно сметководство за фирми поврзани со импровизираната дискотека „Пулс“, каде пред три месеци загинаа 62 претежно млади луѓе.
„Јас ја разбирам стратегијата на СДСМ преку некрофилија да добијат политички поени. Што се однесува до суштината на истрагата, не би коментирал, бидејќи тоа е во рамки на Јавното обвинителство“, изјави премиерот.
Тој додаде дека Владата нема ингеренции над истрагата, и дека постапката е во рацете на обвинителски тим предводен од Љупчо Коцевски, кој, според Мицкоски, бил избран со поддршка на СДСМ и ДУИ.
„Што се однесува до политичката кампања за донациите, тоа само може да биде доказ повеќе дека нема селективност за разлика од случајот во модуларната болница во Тетово, Ласкарци, Беса транс итн кога до ден денеска имаме привилегирани директни или индиректни актери во тие случаи“, рече Мицкоски.
Тој повторно го повика Јавното обвинителство да се занимава со сите случаи, како Ласкарци, Беса Транс, модуларната болница во Тетово, не само со Кочани обвинувајќи ги дека ги кријат нивните „вистински политички стопани“ и „вистинските сторители“ во тие случаи.
Со соопштенија повторно излезе и СДСМ. Според нив, компанијата „Салтировски консалтинг“, наводно во сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип – кој, како што велат, бил четири месеци заштитуван од страна на премиерот, е долгогодишен донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Според СДСМ, оваа компанија донирала средства за ВМРО-ДПМНЕ во 2020, 2021 и 2024 година. Од партијата прашуваат дали оваа компанија водела фиктивно сметководство за субјекти поврзани со дискотеката „Пулс“, и дали преку неа биле исплаќани паушали за полициска заштита на локали оставени без контрола.
Сопственичката на „Салтировски консалтинг“, Анита Салтировска, најостро ги демантираше наводите на СДСМ. Вели дека ниту таа лично, ниту како сопственик и управител на компанијата, ниту кој било член на нејзината фамилија имале или имаат каква било правна поврзаност со компаниите „Класик“ ДООЕЛ и „ММММ“ ДООЕЛ кои управувале со дискотеката „Пулс“.
„Ниту со транши од Деко ниту пак со транши од други правни и физички лица на мене и на Салтировски консалтинг ДООЕЛ не се исплаќани никакви паушали од наведените компании ниту пак од било кои други компании што се потврдува со сметководсвената евиденција и банкарските трансакции извршени кон и од мојата фирма и мене лично во кој и да било период“, вели Салтировска.
Исто така, таа најостро демантира дека таа или нејзината фирма имаат каква било поврзаност со скандалот „Делчевски ниви“.
Таа вели оти се сложувам со фактот дека Македонија нема никаква надеж за неселективна правда каде што со јавни манипулативни прашања се замајува јавноста. Додава оти таа и нејзината фамилија стојат на располагање за било какви информации. Ако се потврди макар едно од обвиненијата вели дека се подготвени морално и правно да одоговараат како пред институциите така и пред народот.
Најави дека, заради нанесената штета врз нејзиниот углед, ако СДСМ јавно не ги потврди или демантира тврдењата, ќе биде приморана да поднесе тужба за клевета. Евентуалниот финансиски надоместок, вели таа, ќе го донира во хуманитарни цели за семејствата на починатите и за повредените во трагичниот пожар во Кочани.
Преземено од Мета.мк