Мицкоски контра Меџити: Борбата на ОНА не била разумна и оправдана туку кукавичка

Неколку дена по распишувањето на локалните избори во октомври, премиерот Христијан Мицкоски денеска јавно ја коментираше изјавата вицепремиерот во неговата влада, Изет Меџити, кој воедно е и министер за животна средина и кандидат за градоначалник на Чаир. Мицкоски, во одговор на прашање, јавно рече дека не се согласува со мислењето на Меџити за конфликтот во Македонија во 2001 година односно дека борбата на ОНА била „оправдана и разумна“.

„Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде апсолутно разумна и праведна, а од заседа да се убиваат припадници на министерството за внатрешни работи и министерството за одбрана“, рече Мицкоски очигледно навраќајќи се на старите теми за односите меѓу Македонците и Албанците.

Потоа, додаде дека тоа се теми кои се од минатото, кои според него се затворени со Рамковниот договор и со последните измени на законот за правична застапеност, за кој што треба да се изјасни Венецијанската Комисија.

„Нашиот фокус како Влада е иднината. Тоа е она што ние сакаме да го видиме. Ова се теми кои се затворени и јас апелирам до сите разумни политичари да не играат на картата на ДУИ и на оние кои сакаат да не вратат 25 години назад“, рече Мицкоски во однос на изјавата на Меџити, чија партиска коалиција Влен, всушност излезе токму од ДУИ пред претседателските и парламентарни избори минатата година.

Премиерот во одговорот продолжи да ги напаѓа партиите од опозицијата, Левица, ДУИ и СДСМ.

„Инаку апсолутно тука различно ги гледаме работите, не може некој којшто од заседа кукавички одземал животи, да биде праведна и чесна војна, барем во Македонија, не коментирам за соседството“, заклучи премиерот.

Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен