Во новогодишното интервју за МИА, премиерот Мицкоски најавува дека на 18 јануари заминува за САД, каде меѓу друото ќе побара поддршка од стратешкиот партнер за евроинтеграциите.
Предвидени се, како што посочува, многу средби и разговори со водечките луѓе од администрацијата во Вашингтон.
– Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Навистина ќе имам квалитетни средби од тоа што е досега договорено со водечките луѓе од администрацијата во Вашингтон и очекувам да го привлечам вниманието и со поинаква оптика да гледаат кон Балканот. Мораме прво регионално да го привлечеме вниманието, односно оптиката на Вашингтон да гледа кај нас како регион, не како единка во тој регион. Да, важна единка, природна раскрсница, срцето на Балканот, но сепак ако го гледаме Балканот како целина, како регион, тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму кои се предностите коишто ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот, вели Мицкоски во интервјуто за МИА.