Премиерот Христијан Мицкоски од денеска до 22 овој месец во Вашингтон ќе присуствува на годишната Конференција за конзервативна политичка акција. Се очекува дека Мицкоски и ќе се обрати на настанот.
За ова трето патување на премиерот во САД владината портпаролка Марија Митева на новинарско прашање имаше краток одговор, без многу детали.
Со оглед на тоа дека Мицкоски патува во САД за да присуствува на партиска конференција, новинарите прашаа дали патувањето на Мицкоски е на државен трошок или, пак, со пари на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Митева не даде директен одговор и само кажа е дека Мицкоски е поканет како претседател на Владата на Северна Македонија.
Мицкоски за време на посетата на Вашингтон се очекува да има и билатерални средби за кои Митева рече јавноста ќе биде информирана во текот на наредните денови.
На веб-страницата за конференцијата може да се види дека има листа на говорници меѓу кои се американскиот дипломат Ричард Гренел, кој е претставник за специјални мисии на претседателот Доналд Трамп, лекарот, пронаоѓач и научник Роберт Малоун кој за време на короната беше обвинет за ширење дезинформации за вакцините, поранешниот висок советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон.
Мицкоски на конференција на конзервативците на САД ќе ги дружи европските екстремни десничари. Како дел од бројните говорници се најавуваат и Роберт Фицо, кој е актуелен премиер на Словачка, Лиз Трас која е поранешна премиерка на Велика Британија, Матеуш Моравјецки, поранешен премиер на Полска, како и Џордан Бардела кој ја предводи екстремната десница во Франција, заедно со Ле Пен.