Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одби да ги коментира информациите дека министерот за здравство, Арбен Таравари ќе ја напушта коалицијата Вреди.
Мицкоски одби да одговори на прашањето како ќе постапи доколку Вреди побараат Таравари да биде тргнат од Владата и рече дека сите во владината коалиција функционираат обединето.
„Само би кажал дека Владата функционира обединето, единствено. Оваа Влада има неофицијално чиста дво-третинска поддршка во рамките на македонското Собрание, реално 78 пратеници ја поддржуваат“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Тетово.
Претходно Таравари во изјава за медиумите рече дека владината коалиција не функционира доволно синхронозирано и побара тоа да биде поправено.
Поделеноста во коалицијата Вреди е во однос на престојните локални избори, за тоа дали ќе настапат заеднички или посебно, а Таравари исто така рече дека сите партии од коалицијата имаат редовни контакти со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за што тој беше демантиран од Демократското движење, Беса и Алтернатива.
Судир имаше и помеѓу министерот за правда, Игор Филков кој доаѓа од ЗНАМ, помалиот партнер во владината коалиција и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Милошски рече дека Филков има слаби перформанси.
Тој додаде дека очекувал од страна на Министерството за правда да бидат изработени до сега законски измени на одредени системски закони, меѓу кои и Предлог Закон за Јавно обвинителство, нов Кривичен законик, Предлог Закон за плати на судиите, но до ден денес истите ги нема.
„Ова е мој личен став. Јас сметам дека министерот за правда има слаби перформанси по однос на обврските кои што ги има преземено за реформите во правосудството“, кажа Милошоски.
Филков реагираше на оваа изјава, истакнувајќи дека „кусурот на Груевски“, мислејќи на Милошоски, јавноста добро го памети по аферите поврзани со АМСМ и семејните бизниси од Кичево, истакнувајќи дека сè уште нема навика да одговара пред граѓаните кои го избрале.
„Очигледно е неинформиран и изолиран од партијата, го упатувам во неговата матична партија или пак во Владата – можеби конечно ќе го известат за постапките, роковите и статусот на законите! И, бидејќи изгледа како некој што работи по туѓи наредби, за кого одработува во моментов? Дали се тоа интересите на граѓаните или некои други агенди? Во минатото е познат по Ванчо Михајлистички ставови, многу лаги и невистини“ реагираше Филков.