Мицкоски синоќа во интервју на МТВ најави дека меѓу новите раководни органи на партијата нема да има потпретседатели.
Според ова, произлегува дека претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, се навраќа на одреден период на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски кога немаше потпретседатели.
Централниот комитет ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржува седница и се очекува после тоа веќе да нема потпретседатели. Централниот комитет треба да го избере новиот Извршен комитет и нов генерален секретар на партијата. Досегашните потпретседатели ќе бидат предложени за членови на Извршниот комитет на партијата, а ќе има и нови имиња.
Новиот состав на ИК ќе треба да има 29 члена. Мицкоски рече дека ќе побара од ЦК да се донесе одлука за распишување избор на нов претседател на Унијата на ветераните, Унијата на младите и на Унијата на жените. Очекува од 20 до 25 проценти од составот на ИК да бидат нови луѓе од партијата.
Во сегашниот статут на ВМРО-ДПМНЕ стои дека „на предлог на претседателот на партијата Централниот комитет избира еден или повеќе потпретседатели на партијата“. Сега ВМРО-ДПМНЕ има четворица потпретседателi; сите се актуелни министри. Тоа се: Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Димитриеска-Кочоска. Некои од нив, како Николоски, се од првиот ден на тоа место кога во 2017 година Мицкоски беше избран за наследник на Груевски.
„Со тие луѓе (потпретседателите) јас сум од првиот ден, тие луѓе се мои најблиски сорботници и во интерес на она што веќе го најавив за 2029 година и за принципите што ги застапувам на конгресот во 2029 година партијата ќе има ново раководство, нов претседател итн… Ценам дека е потребно да се има рамен терен за сите оние што се заинтересирани и мислат дека може да додадат вредност, пред сè, во ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и во Владата, да може да се кандидираат и да ја побараат поддршката од делегатите на конгресот“, изјави премиерот.
Мицкоски рече дека првиот состанок со новиот состав на Извршниот комитет планира да се одржи следаната недела кога би се донела одлука за генерален реизбор на општинските комитети на партијата.