Мицкоски се заканува, но сѐ уште не одговори на суштински прашања за мигрантите од договорот со Велика Британија

Мицкоски повторно им делеше лекции на медиумите – не разбирал како може мигранти уште да се тема кога тој лично демантирал. Тие што ја држеле темата можеле да се соочат со законот бидејќи тоа било ширење паника.

Наместо да одговори зошто Владата не одговорила на прашањата на лондонски „Тајмс“ дали се разговарало меѓу владите на Северна Македонија и на Велика Британија за прифаќање на мигрантите кои не ги исполнуваат условите на островската земја за азил, тој се закани со судски постапки.

Властите треба да го гонат лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за плашење на граѓаните дека Македонија ќе биде преплавена со имигранти напролет, побара премиерот Христијан Мицкоски, велејќи дека доволно долго го толерирал Филипче.

Мицкоски премина во фазата на закани за да ја минимизира оваа тема, иако не даде детален одговор што точно значи делот од соопштението на кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер, во кој се вели:

„Лидерите разговараа и за неодамнешниот договор на Северна Македонија за приклучување кон Заедничката работна група за миграција, со што дополнително ќе се зајакне регионалната соработка за спречување на нерегуларните мигранти што транзитираат низ Балканот и ќе се попречат криминалните банди што им помагаат“.

Сепак, она што не го порекнува Мицкоски, како и Милошоски, е дека ќе соработуваат во борбата против нелегалната миграција

„Во објавите се наведува ‘неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји’. Да потенцирам пред македонската јавност – таква тема не е предмет на разговор, а и да биде, ќе биде одбиена од наша страна. Нашата цел е заеднички да се бориме против илегалната миграција и да ја браниме Европа“, рече Мицкоски.

Од СДСМ сметаат дека овие изјави ја разоткриваат стратегијата според која ќе се прифаќаат мигрантите. „Планот на ВМРО-ДПМНЕ за примање мигранти во Македонија е целосно разоткриен“, се наведува во соопштението. Од СДСМ сметаат дека најавите од британските медиуми се само првиот сигнал, а дека вистинската потврда дошла лично од Милошоски, кој во интервју објаснил дека странските работници „немаат врска со мигранти и азиланти“.

Зачлени се на нашиот е-билтен