Мицкоски со нападите врз ДУИ, всушност само им дава крилја

Мицкоски беше дел од врвот на ВМРО-ДПМНЕ во периодот на најдолгата коалиција со ДУИ. Оттаму и прашањето дали тогаш не им пречеше „пљачката“ или темите од минатото.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Иако изборите сè уште не се распишани, Северна Македонија веќе влезе во изборен ритам. Овој пат, тоа се локалните избори, но атмосферата е слична на парламентарна трка. Кампањата почнува пред време, и тоа со првиот удар на Христијан Мицкоски. Настапите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и во Скопје и на терен, јасно покажуваат дека ќе се игра на силна мобилизација на сопствениот електорат, но и обид за пробив кај неопределените и умерените гласачи.

Мицкоски не само што ја стартува темата за „пљачка“ веднаш по враќањето во земјата, туку ја врамува како дел од предизборна реторика, при што обвинува дека ДУИ (и индиректно делови од опозицијата) се обидуваат да го релативизираат криминалот од минатите години.

Ова е класичен момент каде што политичкиот дискурс и правните факти мора да се раздвојат: Политичкиот наратив што го користи Мицкоски е продолжение на реториката од времето кога беше опозиција – дека ДУИ (и во коалиција со СДСМ) ја „опљачкале“ државата. Но правната реалност зависи од тоа кои конкретни случаи се во обвинителството или во суд, за да не остане сè на ниво на политичка изјава.

Но неговата изјава носи и одредена политичка ранливост поради историскиот контекст.

Имено ВМРО-ДПМНЕ беше во коалиција со ДУИ цели 9 години (2008–2016), при што Христијан Мицкоски (од 2015) беше генерален секретар на партијата, што значи дека Мицкоски беше дел од врвот на ВМРО-ДПМНЕ во периодот на најдолгата коалиција со ДУИ. Оттаму и прашањето дали тогаш не им пречеше „пљачката“ или темите од минатото.

Во ваква ситуација се очекува ДУИ цинично да возврати: „Девет години бевме најдобрите партнери, сега одеднаш сме ретроградни.“

Може дури и да потсетат на заеднички проекти и политички одлуки од тој период.

Сепак Мицкоски во првичната изјава ДУИ ја прикажа и како ретроградна партија која не нуди визија, туку теми од минатото кои се етнички, националистички или која отвора конфликтни прашања.

Најавите за силно влијание на ДУИ врз локалните избори, како и долгогодишното доминирање на оваа партија во албанскиот политички блок, се предизвик за Мицкоски кој сака да наметне нов, прифатлив партнер за Македонците и Албанците истовремено.

Во овој контекст, клучно прашање е како „Вреди“ да го претстави како прифатлива опција, особено за македонскиот електорат.

Но, изјавата на Изет Меџити, со која се брани конфликтот од 2001 како и симболот на УЧК, оди во спротивна насока. Таа беше добро примена кај дел од албанските гласачи, но кај мнозинството Македонци, особено оние со свежи или семејни сеќавања на 2001 година, предизвика негативни реакции. Наместо приближување, ваквите потези ризикуваат да ја поткопаат стратегијата за интеретничка прифатливост и да го отежнат создавањето поширок политички фронт околу ВМРО-ДПМНЕ.

Ако Мицкоски сака навистина да ја сруши ДУИ на локално ниво во општини со албанско мнозинство, нема голем избор освен да имплицира: „Не гласајте за нив, постојат и други опции, како Вреди на пример.“

Краткорочно тоа може да помогне да се намали влијанието на ДУИ во клучни општини и да им се овозможи на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди да освојат повеќе локални позиции.

Но тоа веројатно во јавноста кај тврдите македонски националисти би создало чуство на предавство.

Делови од тврдото јадро на ВМРО-ДПМНЕ кои ја гледаат политиката низ призма „Македонци против Албанци“ ќе реагираат негативно на секој повик да се гласа за албански кандидат, без разлика дали тој е од Вреди, Алијанса за Албанците или независен. Веројатно кај нив ќе доминира наративот: „Толку години ни зборуваа дека Албанците ни ја грабнаа државата и дека тие не се решението, а сега не тераат да гласаме за нив!“

Тоа дури може да создаде сомнеж во конзистентноста на лидерството, оние што го поддржуваат Мицкоски токму поради неговата тврда линија кон ДУИ може да се запрашаат: „Дали и со Вреди ќе завршиме во коалиција и ќе биде истото?“

Ова може да доведе до пад на ентузијазмот кај дел од тврдите гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, што на локално ниво може да значи помала излезност и изгубени општини. Во некои кулоари се говори дека гласачкото тело на ВМРО ДПМНЕ веќе е намалено за над сто илјади подржувачи, а можеби и повеќе.

Последниве пет години лидерите на ВМРО-ДПМНЕ им зборуваа на своите најлојални гласачи дека ДУИ е симбол на корупција, национализам и политичка уцена. Таа реторика беше повеќе од кампањска парола, беше идентитет, цврста линија која ги разделуваше „ние“ и „тие“.

Денес, истите тие гласачи слушаат како, во името на „поголемата цел“, треба да ја насочат својата поддршка кон албански кандидати од коалицијата Вреди, луѓе што до вчера беа дел од ДУИ или директни политички противници, или пак објекти на остри критики за корупција и криминал.

За тврдото јадро, ова не е тактички маневар, туку нарушување на довербата. Чувството е дека „браната“, која со години ги штитела од „погрешниот избор“, сега стана „премин“ преку кој партијата е подготвена да ги префрли таму каде што до вчера велеше дека нема враќање.

Во оваа слика на „поголемата цел“ – рушење на ДУИ, не звучи доволно силно за да го ублажи сомнежот: Ако денес е оправдано да се гласа за „добрите Албанци“, што ќе ја спречи партијата утре повторно да седне на иста маса со „лошите“?

Дополнителна „закана“ за неуспех на оваа стратегија на ВМРО-ДПМНЕ на напад врз ДУИ е што националистичката логика може да ја засили позицијата на ДУИ.

Нападите од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои се јасно македонски националистички, можат да создадат ефект на консолидирање кај албанскиот електорат. Токму затоа, некои албански гласачи може да ги „зацврстат редовите“ околу ДУИ како реакција на „агресивната“ реторика на ВМРО-ДПМНЕ, дури и ако дел од нив не се задоволни од партијата.

Ова е феномен познат како „етничка поларизација“: кога една етничка група се чувствува нападната, членството се собира повеќе околу своите традиционални политички претставници, во случајов, ДУИ.

Особено проблематично е што во мандатот на Мицкоски, кој наводно избегнува националистички теми за да остави впечаток на „умерен европеец“, повторно се гледа пораст на меѓуетнички тензии.

Најсвеж пример се спортските натпревари, на кои имаше екстремен излив на национализам, на кој политичките првенци од влата, и македонските и албанските останаа глуви. Но тоа тлее и надвор од терените, во тоа нема дилема.

Дали е тоа случајност, нечија провокација или ефект од недоволно водство, за гласачите не е важно. Впечатокот останува: тензиите се враќаат, а премиерот молчи.

Зачлени се на нашиот е-билтен