Премиерот Христијан Мицкоски, на седницата за пратенички прашања, истакна дека Владата размислува за промени во законот за недела како неработен ден. Според него, праксата на селективност од претходната влада треба да се замени со јасни правила: или никој да не работи во недела, или сите што постигнале договор со работодавците за двојна или тројна дневница да имаат право да работат.
„Во моментов, одредени економски оператори работат во недела според правила поставени од претходната влада, но ова создава нееднаквост. Ние сме за модел кој или ќе овозможи работа за сите што сакаат и ќе им се плати соодветно, или неделата целосно ќе биде неработен ден,“ рече Мицкоски.
Според мерењата на јавното мислење што Владата ги спроведува, 75% од граѓаните поддржуваат работа во недела доколку им се обезбеди двојна дневница.
„Овие мерења се прават редовно – теренски и телефонски. Резултатите покажуваат дека граѓаните би прифатиле работа во недела доколку условите се поволни. Но, конечното решение ќе зависи од разговорите со Економско-социјалниот совет,“ објасни премиерот.
Тој нагласи дека Владата веќе дискутирала со синдикатите, работодавците и стопанските комори. Целта е да се најде решение што ќе биде прифатливо за сите страни.
„Лично сметам дека оние што сакаат да работат и договориле повисока дневница треба да имаат право на тоа. Но, ако ова не е возможно, тогаш неделата треба да биде ден за одмор за сите,“ заклучи Мицкоски.
Конечниот став на Владата ќе биде објавен по следниот состанок на Економско-социјалниот совет.