Премиерот Христијан Мицкоски денес на седницата за пратенички прашања во Собранието истакна дека според последната информација судијката на Уставниот суд, Добрила Кацарска ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите.
„Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд”, рече тој.
Според него ваквата одлука не била фер, иако тој своевремено беше предводник на линеарното зголемување на пензиите, и покрај бројните укажувања на стручната јавност дека таквото зголемување на пензии не е во согласност со Уставот.
„Од аспект на фискален товар, помалку пари ќе даде Буџетот, но од аспект дали е тоа фер, не е фер затоа што во време на транзиција кога малкумина олигарски го приватизираа и разграбаа македонското стопанство или поголем дел го уништија, најголем дел од овие пензионери со ниски примања, 8.000, 9.000, 10.000 или 12.000 денари се резултат на тој процес во времето на транзицијата. И затоа тие добиваат така ниски пензии“ порача Мицкоски.

