Последниот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан предвидува најнизок раст на БДП за Северна Македонија – само 2,6% во 2025 година, што е најмал меѓу државите од регионот. Проекцијата за 2026 е 2,7%, а за 2027 – 2,8%. За разлика од ова, премиерот Христијан Мицкоски очекува повисоки резултати и најавува раст на економијата меѓу 3 и 4 проценти веќе во првиот квартал од годинава.
Во извештајот на Светска банка се наведува дека економскиот раст во Западен Балкан ќе забави поради послаба надворешна побарувачка и глобална економска неизвесност, но сепак, Македонија останува со најслаба динамика на раст. За споредба, Косово има проектиран раст од 3,8%, Србија 3,5%, Албанија 3,2%, додека БиХ и Црна Гора по 2,7 и 3 проценти.
Од Светска банка исто така напоменуваат дека ова се благо ревидирани прогнози во однос на претходната година, со минимално зголемување на македонскиот БДП за 2025 година за 0,1 процентен поен, но и намалување на проекцијата за 2026 година за 0,3 поени.
Премиерот Мицкоски, пак, на свеченоста по повод 80 години од Државниот завод за статистика, изјави дека очекува „консолидирање“ на економијата и дека Македонија ќе биде „меѓу првите пет-шест економии во Европа“ според растот на БДП во првиот квартал.
„Би се задржал на бројка помеѓу три и четири проценти“, рече Мицкоски.
На прашање дали го дели оптимизмот на премиерот, директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, изјави дека податоците за БДП ќе бидат објавени утре во 12 часот, и додаде дека тие се изработени по меѓународната методологија ЕСА 2010 и се споредливи со податоците на другите европски и светски институции.
Според претходните прогнози на Меѓународниот монетарен фонд, македонската економија треба да расте со стапка од 3,2% во 2025 и 2026 година, со инфлација од 3,4% и 2,2% соодветно.
Податоците за реалниот раст на економијата во првиот квартал од 2025 ќе бидат клучни за споредба на оптимистичките најави на премиерот со анализите на меѓународните институции.