Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли тврдењата за напад врз новинарот Владимир Перев во Скопје, додека Бугарија остро реагираше, барајќи заштита на своите граѓани. Инцидентот предизвика дипломатски тензии и протести во Софија.
Инцидентот со Владимир Перев (80) се случил на 21 ноември 2025 година, и беше објавен откако Перев, припадник на бугарската заедница во Северна Македонија, пријави дека бил вербално и физички нападнат од непознато лице во маркет во Скопје. Според Перев, напаѓачот го удрил, му ги скршил очилата и му се заканувал поради неговата бугарска припадност.
Мицкоски денеска апсолутно ги отфрли тврдењата за каков било напад врз Перев. Тој сугерираше дека инцидентот може да биде „инженеринг“ од Бугарија или „хибриден напад“ насочен кон попречување на интегративниот процес, па дури и самоповредување.
Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за реакции од Софија во врска со Перев, рече дека некој може да накисне на дождот надвор и тоа да го окарактеризира како хибриден напад од страна на Владата.
„Може некој да накисне на дождот и надвор и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата, со кој што се загрозува интегративнот процес. Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како напад, хибриден или не знам каков, тоа е друга работа“.
Бугарското Министерство за надворешни работи и претседателот Румен Радев остро реагираа, барајќи ефикасно гонење за нападите врз Бугарите во Северна Македонија. Истовремено, бугарската партија ВМРО-БНД одржа мирен протест пред Народното собрание во Софија, изразувајќи поддршка за Перев и барајќи заштита на правата на граѓаните со бугарски идентитет во Северна Македонија.
Организацијата ЦИВИЛ го осуди нападот врз новинарот Владимир Перев, нарекувајќи го чин на омраза и удар врз демократијата. Тие повикаа на итно и ефикасно гонење на сите напади врз припадниците на бугарската заедница во земјата.

