Теодора Милеска не е само уште едно младо лице на активистичката сцена – таа е инспиративна феминистка и коосновачка на организацијата PERIOD, гласна борка против менструалната сиромаштија и застапничка за еднаков пристап до менструални производи. За Рацин.мк, таа зборува отворено, искрено и храбро за она што општеството премолчува: менструацијата не е срам, туку реалност – и, што е уште поважно, човеково право.
„Кога зборуваме за менструална правда, зборуваме за достапни и бесплатни производи, за образовни политики, за инфраструктура. Тоа е клучно за да може секоја девојка и жена да го постигне својот целосен потенцијал“, вели Теодора со страст во гласот.
Срамот сè уште е тука – и чини
И покрај намалувањето на ДДВ-то за хигиенски производи, производите се сè уште прескапи за многу девојчиња и жени – особено оние кои не се вработени или живеат во сиромаштија.

„Инфлацијата ги изеде придобивките. Едно пакување се намали за 20 денари, но тоа не е доволно. Цените пак пораснаа, а младите девојки остануваат без неопходното“, посочува Милеска.
Дополнителен предизвик е недостатокот на пристојни тоалети во училишта и јавни простори – што го прави управувањето со менструалната хигиена практично невозможно.
Табуата почнуваат од училишните клупи
„Менструалното образование кај нас доаѓа доцна и е селективно. Девојчињата менструираат сè порано, а знаењето им доаѓа предоцна. Момчињата се исклучени од наставата и така ја продолжуваме стигмата“, вели Милеска.

Ниту дома, ниту на училиште, девојчињата не се подготвени – што резултира со страв, срам и недоразбирања. За Теодора, ова е директна повреда на нивните права.
Град Скопје најави бесплатни производи за ученички, но тоа остана само на хартија. Единствен позитивен чекор досега е препознавањето на проблемот во Националната стратегија за млади – каде се предвидуваат локални фондови за снабдување на училиштата.
„Според анализите, потребни се само 0.08% од државниот буџет за да имаме бесплатни производи за сите девојчиња и жени. Тоа е смешна сума ако сакаме вистинска еднаквост“, нагласува таа.

Промени од терен: каравани, квизови, филмови
Во обид да го прошири дијалогот и надвор од Скопје, организацијата PERIOD креираше филмски караван. До сега посетија неколку помали градови – Македонски Брод, Штип, Крива Паланка – со документарен филм и интерактивен квиз за младите.
„Имаме напредок во разбирањето на терминот ‘менструална сиромаштија’, но менструацијата сè уште не се разбира како што треба. Нашата цел е тоа да се смени“, објаснува Теодора.

Порака до младите: Не молчи, зборувај
На крајот од разговорот, Теодора има јасна порака:
„Младите веќе не се само иднина, тие се двигатели на промени. Ги повикувам сите – и девојки и момчиња – да зборуваат, да учат и да бараат подобри услови. Менструацијата не е приватна грижа – тоа е општествено прашање.“
Разговараше: Соња Танеска