Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Минчев: Само 30-40 проценти од административците ја извршуваат својата работа

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, реагираше на најавите за протест на 14 јануари од страна на вработените во дел од министерствата, кои бараат 30% додаток на платата. Во интервју за ТВ 24, тој изјави дека протестот е демократско право, но нагласи дека побаруваната сума е преголема.

Минчев истакна дека решавањето на прашањето за зголемување на платите зависи од достапните средства што Министерството за финансии може да ги обезбеди. „Не може преку ноќ да се надминат проблеми кои се таложеле 30 години,“ рече тој, посочувајќи дека во буџетот има „огромни дупки.“

Во изминатите пет месеци, според министерот, е креиран пакет од четири закони кои треба да ја реформираат јавната администрација. Законите, кои се во фаза на јавна расправа до 27 јануари, опфаќаат вработување, административни службеници, стручно усовршување и инспекциски надзор.

„Овие закони овозможуваат фер натпревар, каде знаењето е клучно, а не партиската книшка,“ изјави Минчев, додавајќи дека законските решенија се усогласени со европските стандарди и барањата на Европската комисија.

Минчев призна дека само 30-40% од административците ја извршуваат својата работа, додека во некои институции има дефицит од кадар, а во други – превработеност. За решавање на овој проблем, ќе се спроведат преедукации за вработените со цел подобра ефикасност.

„Мора да се направи добар баланс – да се заслужуваат платите,“ истакна тој.

На прашањето зошто Министерството нема колективен договор, Минчев објасни дека тоа е можно само со обезбедени средства и формиран синдикат. Министерството е во процес на иницирање на синдикат, кој ќе биде партнер за подобрување на условите во јавната администрација.

„Синдикатот не го гледам како противник, туку како партнер,“ заклучи Минчев.

Зачлени се на нашиот е-билтен