Министерството за здравство чека обдукциски наод по смртта на новороденче на Гинекологија

Министерството за здравство изрази сочувство до семејството по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје и информира дека се преземаат сите неопходни мерки за целосно утврдување на причините за трагичниот настан.

Министерот за здравство, Азир Алиу, иницирал вонреден инспекциски надзор преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе биде спроведен и стручен надзор. Од Министерството нагласуваат дека постапката ќе се води професионално и транспарентно.

Во соопштението се апелира до јавноста да се почекаат резултатите од надзорите и обдукцискиот наод, кој се посочува како клучен документ за утврдување на причините за смртта. До тогаш, се повикува да не се создава дополнителен немир кај семејството и во јавноста.

Од Министерството потсетуваат дека Клиниката за гинекологија и акушерство е терциерна здравствена установа во која се применуваат законски пропишани протоколи и најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана по добивањето на сите релевантни наоди.

Зачлени се на нашиот е-билтен