Откупната цена на младиот компир во струмичко ќе се зголеми од 30 на 35 денари за килограм, беше соопштено по денешната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски со откупувачите од струмичко, која се одржа во Општина Босилово.
Според откупувачите, со зголемената откупна цена производителите на компир треба да бидат задоволни.
-Во наредните седум до десет денови ќе го откупуваме компирот по договорената цена и да ги навикнеме купувачите да ја пазарат цената од 35 денари и сметам, иако е почеток на бербата, да остане оваа цена на задоволство на производителите и на откупувачите, изјави Доне Јанев откупувач од компанијата „Трофеј 08“, кој додаде дека годинашнава реколта е намалена во споредба со лани за 30 до 40 отсто.
Министерот Трипуновски смета дека резултатот од денешната средба е на задоволство на производителите.
-Сакам да потенцирам дека продолжуваме да се грижиме и да го цениме трудот на македонскиот земјоделец да работи со профит и рентабилно, зашто само така можеме да ја вратиме довербата кон институциите и да го зголемуваме земјоделското производство. Веќе на ЕНЕР е прикачен законот за земјоделство и рурален развој каде во наредните триесетина денови ќе можат да се дават коментари по него и каде е предвидено и уредување на пазарите, односно пласманот на земјоделски производи и по завршувањето на јавната расправа законот ќе биде пуштен во владина и собраниска процедура, изјави Трипуновски.
На новинарско прашање како оди откупот и пласманот на зелката, министерот одговори дека изминатите месеци е посветено големо внимание на ова и на иста маса е разговарано со откупувачите и земјоделците околу пласманот на зелката.
-Постигнавме одличен резултат затоа што сите заеднички покажавме дека кога ќе се постигне договор и истиот ќе се почитува тогаш македонскиот земјоделец добива цена каква што доликува. Досега е познато дека она што ќе значи девизен прилив од зелката во овој регион се движи над 32 милиони евра и тоа во минатото се нема случено, додаде Трипуновски.
Посочи дека според податоците од Државниот завод за статистика за првиот квартал од лани и истиот од годинава има сериозен раст на откупот и пласманот на земјоделските производи, поточно во градинарскиот сектор зголемувањето е до 50 отсто во споредба со лани и тоа значи дека и Владата и Министерството се движат во вистинска насока на зголемување на производството и девизниот прилив од пласманот на производството.