Сигурно десничарите од демократските земји добро си знаат дека луѓето ги гласале не оти се спремни да се откажат од своите неотуѓиви права како човечки битија и членки на општеството или да им ја фрлат под десничарските нозе сопствената слобода на мислење, говор и здружување. Ова се годините кога авторитарноста како концепт ќе издише и ќе замине во историјата.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Секој е 100% важна личност самиот на себе, од моментот кога станал личност. Тоа е вградено во грижата за самиот себе. Од таа слобода натаму, личноста се труди да се вклопи во затекнатата општествена мрежа, како самата да станува мрежна точка поврзана со други мрежни точки.
За бебињата, кои не се вмрежени ни сами со себе, за повозрасните со губиток на когнитивните способности, можеби за некои од луѓето со атипичен развој, како и тешко болните, овој фактор на вмреженост со други луѓе може да е доста понизок, заради аспектот на намалените можности за грижа за самиот себе. Но, луѓето со помали можности се наоѓаат во разгранетата мрежа – општество, па доколку поврзувачкиот флуид во тоа општество поддржува поголемо вмрежување, тогаш овие луѓе имаат добри шанси да не бидат изолирани или изгубени од мрежата. Мрежата општество мора да е максимално инклузивна кон точки кои се во опасност да бидат изолирани, за таа да може да се одржува самата себе.
Знам дека тука некој ќе врти со глава и ќе рече – „мрежата би била постабилна без нив“, но не е така, бидејќи никогаш една мрежа (општество) не е со 0% алтруизам, а тоа, пак, е така бидејќи алтруизмот е во иста насока со етичноста. А секогаш има повеќе етични отколку неетични луѓе, при што позитивната повратна спрега кај етичноста (и алтруизмот) е посилна отколку на неетичноста. На пример, има одреден број луѓе кои сакаат да направат добро дело заради самото дело, односно самото добро дело го чувствуваат за награда и не помислуваат на компензација за него, што не е случај при неетичкиот чин – тој задолжително се купо-продава, и тоа – скапо. Дека етичките поврзаности се секогаш повеќе, доказ е самото постоење на општеството: Етиката и алтруизмот како да генерираат некој вид на општествен „приход“, инаку општеството би се распаднало доколку поврзаноста е само на нá-ти-дај-ми основа, принцип кој го јаде инфлација дури и без силно правосудство.
Така, доколку се заговара уверувањето на тие што вртат со главата на ова, тоа би значело слабеење на поврзувачкиот флуид во мрежата, односно слабеење на структурата на општеството. И обратно, поврзувачкиот флуид заснован на етика и алтруизам ја јакне општествената структура. Едно општество, кое со помош на државните институции води добри социјални политики кон луѓето со помали можности, е подобро и подолго одржливо. Уште повеќе, и со, и без институционални социјални мерки, природната алтруистичка мрежа која се формира околу луѓето кои се во опасност од изолирање (превенирање трагедија), го шири етичкиот поврзувачки флуид дури и меѓу луѓето кои имаат веќе добра, одржлива вмреженост во општеството низ истиот вид на поврзаност. Така што, рецептот за распад на едно општество е последниов, но дали во практика тоа може да се случи и колку енергија му треба на наредниот диктатор за рушење на големиот број алтруистички конекции под минимумот на такви поврзувања на кои општеството, може да се истражи со малку статистичка анализа.
Раширено е мислењето дека алтруизмот е енергетски скап, но тоа е веројатно застарен впечаток од минатите времиња кога општествените структури биле исклучиво хиерархиски – цареви, кралеви и надолу по праволиниска низа, како долга прачка, или црево („врзани к’о црева“), наместо мрежни – како демократските структури. Овој средновековен атавизам денес се изразува преку диктаторите, автократите, политичките лидери… Алтруизмот навистина се троши на долгите „црева“ на хиерархискиот концепт, дури и кога фактичката институционална структура гледана од „птичја перспектива“ е нешто поразгранета отколку обична низа-црево. Тоа е така бидејќи во ваква праволиниска безалтернативност, ограничувањето од горе и долу за секој човек не е поврзано примарно со етички вредности, туку со продажба на својот труд, што неминовно доведува до чувство дека етиката (му) се троши како да е будалест напор кој „не се исплатува“ (по некој и конкретно ќе се обиде да дојде до чувство на „исплатливост“). Обратно е всушност – алтруизмот и етиката се природни, ја штедат социјалната структура, инаку не би виделе ни животни кои си помагаат кога се болни, повредени или почитуваат непишани (јасно) договори за територија, а сето тоа го прават, понекогаш и меѓу различни видови. Етиката и алтруизмот не се компатибилни со долги хиерархиски структури што авторитаризмот ги наметнува.
Ова значи дека авторитарните структури многу тешко и со натприроден напор можат да одржат стабилност, бидејќи структура со таква праволиниска безалтернативност самата ја онестабилува етиката и го губи алтруизмот – овие се многу „нелинеарни“ суштества – не подлежат на купопродажба. Тоа останува така, иако притоа, намерата на авторитарната структура е да ја држи етичноста во општеството на узда. Авторитарноста страда од почеток, бидејќи вештачки се обидува да вбризгува етичност во општеството, (макар што, најчесто досега тоа било „змиско масло“ во режимите – наместо етика), па така никогаш и не успева да го вклучи природниот алтруизам во својот хиерархиски, праволиниски систем, а камоли да придонесе кон позитивна повратна спрега на етичност во општеството. Дури и за еден цар со силен интегритет, самиот етичен, алтруистичен, одличен карактер, со прекрасни способности за далекугледи одлуки, за контролирање и управување, сепак му е потребна интервенција со многу стриктно воено владеење, или преку стравопочит кон божества. Народот е тешко-управувачки голем број луѓе, така што целта е, во еден потег, со минимум енергија, макар и преку бајки, тој да биде заплашен (не охрабрен!) доколку не работи според етичките норми. Од интерес на еден диктатор е да става и одржува етика во авторитарната структура, бидејќи таа е поуредна отколку неетичноста и му обезбедува стабилно столче. Но, таа принудна етика, јасно, не може сама да се одржува.
Чувството на принуда во умовите што ја разбираат само хиерархијата на авторитарноста е, затоа, често дури и посакувано, намерно сам(а) врз себе провоцирано, секогаш очекувајќи беневолентен диктатор, одличен цар, за со инка да тури етика во општеството.
Чувството на принуда во умовите што ја разбираат само хиерархијата на авторитарноста е, затоа, често дури и посакувано, намерно сам(а) врз себе провоцирано, секогаш очекувајќи беневолентен диктатор, одличен цар, за со инка да тури етика во општеството. Овој очаен крик е толку исполнет со болно-страствена желба да биде сѐ добро, што на човек желен за раат и мирен живот, ама на кој умот му разбира само хиерархија, му се чини, дека ете, само што не дошол вистинскиот човек да владее.
Се разбира, кога општествената мрежа преоѓа од авторитарна, тврдо хиерархиска кон демократска, тоа е потешката насока на транзитирање – бидејќи од демократија кон автократија е полесно – може да се прејде лесно, само со избори. Во големиот период потребен за транзитирање од авторитарност кон демократија се формираат многу мрежни точки и гранки, насекаде, од индивидуи до поголеми организации, но не задолжително поврзани меѓусебно со природниот етички флуид. Напротив, заради препознавањето само на претходната авторитарност и хиерархиските принципи, во површната ослободеност на мрежата од „царот“, сега веќе може да се формираат дури и сосем кратки „црева“ (мали групи) поврзани со сѐ и сешто, па и антивредности. Време на многу „цареви“, а сепак поимот за „цар“ сѐ уште се идентификува со врвната позиција на извршната власт (премиерското место). Иако намерно се „изгрицкува“ славата на „царското столче“ и не му се ќути веќе на „царот“, таа дисонанца тешко успева да пробие во праволиниските умови, односно, дека демократијата не е анархија само заради отсуството на авторитарност.
Сепак, реалноста е дека долгата хиерархиска структура е растурена уште во првите месеци на демократијата. Навистина, заради тоа, новоформираните, но внатрешно гледано – остатоци од принципите на авторитарноста – кратки „цревца“, веќе немаат замор од вбризгување на вредности (или што и да било претходно). Но, погоре споменатата идеја за исплатливост, која исто така ја препознаваат од претходната праволиниска, хиерархиска авторитарност, ги тера – овие мали квазиавторитарни „цревца“, најмногу да притискаат на мрежата околу „царското столче“ и тој факт не може да се скрие. Тоа најочигледно се гледа од тоа како не-толку широките народни маси ја сфаќаат реалноста, односно што сметаат дека е природно поврзување во општеството: Да се бориш да бидеш важна личност (ВИП) за што поблиску до привилегија (повисоко од само сигурност), што е можно поблиску до „царот“. Се разбира, во слепата егоцентричност, создаваат тесно грло во мрежата околу „царот“, но и „царското столче“. Тоа е динамиката со која конечно столчето на извршната власт (премиерското место) се одмрежува од авторитарната лушпа за потоа повторно да се вмрежи во системот во тројната контрола на трите власти, како што етичките принципи на демократијата налагаат. Сите тие ВИП притисоци се регулирани преку малкуте официјални и неофицијални инсајдери од авторитарните времиња, но и влијаат врз нив – дали ќе опстанат со смена на „царот“ или треба да се држат за стариот „цар“ по секоја цена. Оваа шема важи и за поголемите партии.
Лесно се наоѓаат докази и примери каде што се гледа дека праволиниските хиерархиски структури како што е авторитарната, се практично смрт за природната социјална мрежна структура, која, пак, може да се врати во живот само преку демократска структура. Џон Роулс (John Rawls) на пример, во својата „Теорија на правдата“ го опишува ова од демократската страна, па се изразува преку институциите, како демократско постигнување за општеството: „Исказот дека една институција како основна структура на општеството е јавен систем од правила, значи дека секој учесник во неа го знае истото што би го знаел ако овие правила биле резултат на договор. Една личност која има улога во една институција знае што правилата бараат од него и од другите. Таа исто така знае дека другите го знаат ова, а тие, пак, знаат дека таа го знае тоа, и така натаму.“ Значи, мрежата во која поврзувањето е етиката и на сите им е јасна како правило кое не мора да е пишано, носи и правда, и слобода и човечки вредности, и алтруизам, кои ја враќаат вредноста назад во системот, како плод.
Во суштина, како што Гијом Калмес и Џејмс Вајс од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), со примена на методи од статистичката физика (низ термодинамички аналози) во општествената теорија на игри (“The emergence of egalitarianism in a model of early human societies”, Helyon, 2017, [IF= 4] – возбудлива статија) согледуваат, хиерархијата, неизбежно пополнета од личности со желба да доминираат и личности со горко негодување да бидат доминирани, спонтано транзитира кон егалитарност, користејќи ја само моќта на говорот. Егалитаризмот, (а во модерни времиња – демократијата), Калмес и Вајс велат – е оптимална стабилна структура за споделување на моќта (power-sharing arrangement) и во поголема популација (не само малите од 20-30 луѓе од предисториските времиња), без оглед на почетната „количина“ на алтруистички квалитети. Ова е одлична вест за земјите кои се на патот од авторитарност кон демократија. Авторите проценуваат дека алтруизмот испливува како најважен, затоа што тој е поврзувачката компонента која има капацитет да симне од трон секакво Алфа-доминантно однесување!
Уште повеќе, политичката и секоја инаква одговорност, престанува да биде само едновредносна вина на „царот“ која „народот“ ја „пресудува“ и заради која столчето на диктаторот секогаш му се тресе во авторитарниот режим, туку идејата на авторитарците дека во демократија полесно ќе го тресат „царското столче“ (кое воопшто веќе не е „царско“ и без нивните намерни нагризувања на поимот), станува голема заблуда на сметка на авторитарноста. Имено, во преодот од авторитарноста кон демократијата, поимот за одговорност добива не само следливост и каузалност за тоа кој точно во мрежата ја има вината за нешто според вмреженоста на етиката како што ја изразува Џон Роулс, туку одговорноста почнува многу повеќе да врши превенирачка улога, со оглед дека етичката вмреженост има капацитет да разбере дека постојат работи, најчесто од големи размери (клима, берза, природни непогоди, итн.) за кои не може да се бара виновник. Дека превенцијата е примарна во одговорноста, дури и кај работи кај кои каузално натаму би можело да се лоцира виновник. А со тоа, може да се создаде и ефикасен метод со кој и авторитарноста како проблем може да се спречи.
Диктаторите се диктатори затоа што не се соочуваат со моќен домашен аудиториум, а тој аудиториум не е моќен затоа што не е меѓусебно поврзан со етички поврзаности и има речиси изолирани точки во мрежата кои може и да не се луѓе со помалку можности, додека сите со ограничени можности се максимално изолирани. Диктаторите така поминуваат евтино: Полиција+војска+религиозни старешини = Не мора никогаш да има избори.
Диктаторите се диктатори затоа што не се соочуваат со моќен домашен аудиториум, а тој аудиториум не е моќен затоа што не е меѓусебно поврзан со етички поврзаности и има речиси изолирани точки во мрежата кои може и да не се луѓе со помалку можности, додека сите со ограничени можности се максимално изолирани. Диктаторите така поминуваат евтино: Полиција+војска+религиозни старешини = Не мора никогаш да има избори. Но, според динамиките на природната егалитарност (Калмес и Вајс), диктаторот е тој којшто задолжително паѓа, а не општествената мрежа – нејзината природна тенденција за живот е посилна. Социјалната грижа за секој човек, особено за оние кои можат помалку, го засилува и смирува општеството кон демократска структура. Алтруистичката алка никогаш не може да биде слаба.
Некој ќе рече – а вестите за победите на десничарите во повеќе демократски земји? Па, веројатно веќе ни крајните десничари не би можеле лесно да спроведат диктатури. Гледаат дека владеењето со авторитарност е отежнато токму заради претходниот развој на свеста за етичките вредности во демократијата, на обуката за човекови права, со нега во практиката од барем 70-тина години. Дека луѓето ги гласаат десничарите во горлива желба за „цврста“ структура, а не од некоја особена информираност дека единствена цврста структура (не „рака“!) е етичката, алтруистичката, особено со добри социјални мерки, инстититуционални најдобро. Сигурно десничарите од демократските земји добро си знаат дека луѓето ги гласале не оти се спремни да се откажат од своите неотуѓиви права како човечки битија и членки на општеството или да им ја фрлат под десничарските нозе сопствената слобода на мислење, говор и здружување. Ова се годините кога авторитарноста како концепт ќе издише и ќе замине во историјата.
*За насловната креатива на колумната на Целакоска е преземена илустрацијата на Каролис Страутниекас објавена во Њујоркер