Моли од Тексас: Меѓу 20 тетоважи, омилена ѝ е македонската кирилица

Во Скопје пред неколку дена пристигна 28. група на Мировниот корпус – со рекордни 50 волонтери, што е најголема бројка досега и уште една потврда дека Македонија е меѓу најпосакуваните земји за ваков тип мисија.

Како што вели Весна Илиевска, менаџер за комуникации во Мировен корпус Македонија, оваа група е посебна по тоа што дури 80 проценти од нив се млади до 29 години. А уште поимпресивно е што од претходната група, од 30 волонтери, дури 10 решиле да останат во Македонија и по завршувањето на нивниот двегодишен ангажман.

Весна Илиевска

На обуките во Скопје запознавме неколку од нив – Елизабет, Бен и Моли – кои веднаш оставија впечаток.

Елизабет, Американка со потекло од Бразил, вели дека Македонија ја избрала намерно, бидејќи ја потсетува на топлината на Бразил, и сака да работи на креативен развој, но и самата многу да научи од овдешната култура.

Елизабет

Бен од Мериленд, пак, инспириран од својот професор со потекло од Тетово, сака да предава англиски јазик, да игра фудбал и да се зближи со локалната заедница.

Бен

Но, најпосебна приказна има Моли од Тексас. Таа веќе еднаш била во Македонија, пред ковидот, и токму тогаш, за време на своето прво престојување во Кичево, си истетовирала македонска кирилица и симболот на црвената булка. Моли има повеќе од 20 тетоважи – меѓу кои пчела, игуана, дрво карактеристично за Тексас – но признава дека најдрага ѝ е токму тетоважата со македонската азбука.

„Кирилицата ми е омилена, ја сакам нејзината убавина и симболиката. Се вратив во Македонија затоа што првиот пат морав да заминам ненадејно, без поздрав. Сега сакам да го продолжам тоа што го започнав,“ раскажува таа.

Моли

Моли ќе работи во областа на инклузивното образование, а со надеж дека како уметник ќе може да организира и заеднички уметнички проекти – можеби мурал или работилници со деца и локални заедници.

За храната, вели дека ајварот и шопската салата ѝ се омилени и со нетрпение го чека есенскиот процес на правење ајвар.

Со својата љубопитност, искреност и љубов кон културата, Моли е жив доказ за тоа колку Македонија знае да остави силен белег кај луѓето – белег кој понекогаш останува за цел живот, па дури и истетовиран на кожата.

Зачлени се на нашиот е-билтен