Министерството за образование и наука (МОН) објави дека во 2026 година буџетот за научно-истражувачка дејност ќе достигне рекордни 773 милиони денари — највисок досега издвоен износ за оваа намена.
Според соопштението на Министерството, средствата се наменети за континуирано финансирање на научно-истражувачки проекти, развој на лабораториски капацитети, организирање и учество на домашни и меѓународни научни конференции, како и за објавување на трудови во списанија со импакт фактор. Дел од буџетот ќе биде наменет и за стипендии за млади научници, студенти на втор и трет циклус на студии, како и за поддршка на научни и студиски престои во странство.
„Науката во Македонија сè повеќе добива на значење, не само како тема за дискусија, туку и како реална област на делување. Ова го потврдува и последниот извештај на Европската комисија за напредокот на државата во научниот сектор. Зголемениот буџет е резултат на ефективни национални политики и континуирана поддршка за развој на истражувањето“, наведуваат од МОН.
Од Министерството потсетуваат дека во последните години средствата за наука значително се зголемени — од 380 милиони денари во 2024 година, на 680 милиони во 2025, а во 2026 ќе достигнат рекордни 773 милиони денари. Дополнително, годинава МОН стимулирало реализација на научно-истражувачки проекти на јавните универзитети, факултети, научни установи, МАНУ и деловната заедница преку три јавни повици за распределба на средства.

