Може ли од тврдо, потврдо? Мицкоски ја „закова“ партијата со Ковачки!

Ковачки
Драган Ковачки (четврти од лево на десно) на протестите против преговарачката рамка на ЕУ во јули, 2022 година (фото извор: ФБ профил на Ковачки)

Што зборува за карактерот на еден човек, кој како висок офицер во АРМ им се закануваше на неговите претпоставени офицери во Генералштабот со фразата „долга е раката на ВМРО“ и кој малтретираше и клеветеше две министерки за одбрана со лаги за кои подоцна на суд се клањаше до земја од извинувања, што дури и неговиот адвокат од срам не знаел каде да гледа. Така сведочат очевидците на таквите сцени.

Или онаа епизода кога како пратеник им забрануваше на новинарите да му поставуваат прашања на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски кога беше прашуван се сертификатот за познавање на англсикиот јазик и кога го шеташе по собраниските ходници како да му е бодигард.

Ова е само дел од активизмот на Ковачки како партиски војник.

Докажан партиски војник

Од овие причини, Мицкоски не можеше да избере „подобар“ ген-сек од Ковачки. Како докажан партиски војник, кој се откажа од војничката кариера како висок офицер, само за да им се додвори на партиските лидери, Ковачки сега се најде на вистинското место.   

Зошто? Затоа што прашањата што остануваат по оваа промена во раководните структури на ВМРО-ДПМНЕ не се „дали има потпретседатели“, туку кој ги контролира трите најважни точки: партиската организација на терен, кадровскиот филтер и контактите со економските центри што традиционално стојат околу секоја голема партија. И дали новата поставеност ќе донесе поголема проверливост, или само ќе ја направи моќта помалку видлива за јавноста, а поотпорна на внатрепартиска конкуренција.

Со изборот на Ковачки за ген-сек станува сосема јасно дека партијата зазема тврда линија и авторитарен карактер зашто сега целата моќ се концентрира на лидерот (Мицкоски), а со укинувањето на потпретседателите, Извршниот комитет добива само церемонијална улога која само ќе ги „аминува“ одлуките што ќе ги носи лидерот.

Оттаму, паѓа во вода тезата дека укинувањето на потпретседателските места во ВМРО-ДПМНЕ и „деградацијата“ на досегашните потпретседатели во членови на Извршниот комитет, е за да нема фаворизирање на ниту еден од нив како претенденти за наследник на Христијан Мицкоски, односно за претседател на партијата.

Може некој и да верува, ама кога во оваа „реформа“ на ВМРО-ДПМНЕ на местото генерален секретар е именуван Драган Ковачки, таа „демократска“ теза „сите имаат еднаков старт“ паѓа во сенка.

Тврдо, потврдо, Ковачки

Особено ако се имаат предвид и другите „блескави“ моменти од кариерата на Драган Ковачки, кои повторно се многу илустративни за неговиот карактер.

По серијата дисциплински испади Драган Ковачки доби отказ од  Министерството за одбрана поради оддавање на службени тајни.

Еден од тие документи, кој беше строго доверлив, а се однесуваше на ослободувањето на тогашниот премиер (2022 г.). Димитар Ковачевски, од служење на воен рок. Таквите документи се чуваат во архивите на МО во кои има информации за стотици илјади други лица кои биле на преглед пред воена комисија.

На тој начин тој си отвори голем правен проблем за себе, ама и за можноста било кога и било каде да има работа со материјали од доверлив карактер.

Впрочем, ова однесување секако било причина тој да биде одбиен за безбедносен сертификат од НАТО, нешто што тој, го порекнуваше, дури и кога беше објавен документот што го докажува тоа од порталот А1.он.

БЕЗ СЕРТИФИКАТ Документот од НАТО што го објави А1он

Исто така, своевремено, Антикорупциска утврди дека Ковачки бил унапреден за време на изборен процес (февруари 2019 година).

Во врска со ова, неговото име се актуелизираше откако Стево Пендаровски ја презеде претседателската позиција. Тогаш. новиот шеф на државата и Врховен командант потпиша нови укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата и Ковачки беше разрешен од позицијата на која го постави Иванов – командант на 1. Механизирана бригада.

Колку се блиски Ковачки и Мицкоски зборува и фактот кога овој вториот, се обиде да го подметне Ковачки за технички министер за внатрешни работи, иако Уставот јасно кажува дека униформирано лице да биде цивилен шеф на министерството за внатрешни работи или за одбрана.

Како оваа нова, потврда, линија и кон лидерот концетрирана партија, ќе се одрази на политиките на ВМРО-ДПМНЕ за најважното прашање какво што уредувањето на односите со Бугарија и враќање на патеката што води кон почеток и окончување на преговорите за членство во ЕУ, е големо прашање и тешко дека може да добие оптимистички одговор.

ВМРО-ДПМНЕ и досега, како и за време и пред последните избори, сфати дека на таа карта, на отпорот за функционални преговори со ЕУ, може да се добиваат поенти, рејтинзи и избори. И ќе продолжи да игра на таа карта, зашто друга нема. Нема ниту една особено успешна политика во изминатите речиси две години на власт.

З.Б.

Зачлени се на нашиот е-билтен