Во тек е остра расправа околу предложените измени на Законот за полиција, поднесени од Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски. Опозицијата, предводена од СДСМ и Левица, предупредува дека измените ја отвораат вратата за партизација на полицијата и воспоставување на контролен механизам во функција на ВМРО-ДПМНЕ.
Ако подетално се проанализираат измените, на самиот почеток можат да се ќе се видат и некои позитивни предлози. Според член 2 од Предлог-законот на пример, за директор на Бирото за јавна безбедност може да се назначи лице со најмалку VII/2 степен на образование (300 ЕКТС кредити), 12 години работно искуство, од кои пет на раководна позиција. Ова формално е во согласност со препораката XV на GRECO, која инсистира на високи и објективни критериуми за раководни позиции. Воведувањето на минимални квалификации е позитивен чекор кон професионализација.
Исто така, во член 15, точка 8, се предвидува задолжителен тест за интегритет за полицајците, што формално одговара на препораката XVII од GRECO, каде се бара механизми за проверка на интегритетот. За одбележување е дека во член 18 се забранува членство на полицајци во политичка партија, што е во духот на департизација и политичка неутралност.
Сепак, критичниот момент на кој опозициските партии укажуваат е начинот на кој се именуваат директорот и заменик-директорот на Бирото. Член 3 од Предлог-законот предвидува тие да бидат именувани од Владата по предлог на министерот за внатрешни работи. Овој модел остава сериозен простор за политичко влијание врз полицијата и е во спротивност со препораката XX на GRECO, каде јасно се бара деполитизација на клучните раководни функции во полицијата.
Исто така, во Предлог-законот недостасуваат одредби кои се однесуваат на јасен, транспарентен и независен механизам за надворешна контрола врз полицијата, каков што GRECO го препорачува преку формирање на специјализирани тела на пример Независен Директорат, (DICCIPS \(Directorate for Independent Complaints and Civilian Oversight of Police Services\). Ова отсуство ја поткрепува тезата на СДСМ и Левица дека полицијата може да се претвори во инструмент под партиска капа.
Дополнително, СДСМ реагираше остро на членот 7-а, каде се предвидува формирање на ново советодавно тело под надлежност на министерот, без вклученост на надворешни независни експерти. Партијата укажува дека ова тело може да биде користено за внатрешна политичка контрола, без механизми за надворешна проверка.
Левица, пак, ја потенцира непрецизноста во членот 16, кој се однесува на прераспоредување на полицајци, оценувајќи дека може да се користи за партиска кадровска селекција и казнување неподобни кадри. Освен тоа, СДСМ укажува и на членот 4, во кој, според нив, не е прецизирана доволно јасно границата меѓу оперативната и политичката одговорност на раководните кадри, што го зголемува ризикот од политички влијанија врз секојдневното работење на полицијата. Левица, пак, ја оспори формулацијата на член 15, тврдејќи дека иако се наведува обврска за интегритет тест, не е дефинирано кој го спроведува тестот, какви се неговите последици и како се спречува негово селективно користење против неподобни службеници.
Најконтроверзната измена, според СДСМ, е бришењето на член 19 од Законот, со што се отвора можност лица кои биле осудувани или имале забрана за вршење јавна функција да останат или да се вратат на работа во полицијата. Наместо институција што треба да гарантира ред, законитост и безбедност, полицијата, според оваа формулација, ризикува да стане прибежиште за лица со криминално досие. Ова, според СДСМ, претставува директен удар врз јавната доверба и ја урива моралната основа на службата. Ако се потврди дека со бришењето на членот 19 се укинува правната основа за отстранување на вработени кои имаат осуда или забрана за вршење јавна функција, тоа е спротивно и на GRECO-препораките, особено XV и XVII, кои инсистираат на јасни критериуми за интегритет и санкции против службеници кои го нарушиле угледот на институцијата. Доколку не се даде детално и убедливо образложение за оваа измена, забелешката на СДСМ може да се смета за целосно оправдана.
Иако формалните критериуми за образование, искуство и забрана за политичко ангажирање се на место, суштинската опасност произлегува од начинот на именување и контрола. Без автономна институционална контрола и транспарентни механизми за селекција, постои реален ризик од зацврстување на политичката доминација врз полицијата.
Заклучокот е дека иако дел од предложените измени се во линија со GRECO-стандардите, критиките на опозицијата имаат реална основа. Клучниот проблем е непроменетата структура на именување и недостигот од ефективни независни механизми за надзор и отчетност, што отвора сериозен простор за партизација на полицијата.