Прашан во однос на деблокада на евроинтеграциите во интервју на ТВ Телма, министерот за надворешни работи и надвореѓна трговија Муцунски вели дека пристапот е да бидеме најдобрата Влада пред граѓаните, но и во очите на нашите европски партнери во делот на испорачаните реформи.
-Нашиот пристап е да бидеме најдобрата влада пред граѓаните, но и во очите на нашите европски партнери во делот на испорачаните реформи и во усогласеноста со заедничката безбедносна политика на Унијата. Сакам Европската Унија да каже: „Оваа е владата што испорачува реформи“, но истовремено да изнајдеме рационално решение со Бугарија кое ќе гарантира дека по шест месеци нема да се вратиме на позиција каде тие повторно ќе најдат причини да ги блокираат нашите евроинтеграции, истакна Муцунски.
Во однос на актуелното расположение во Брисел во контекст на проширувањето и потребата од предвидливост на процесот, тој вели, го радува што реториката од чинителите во Брисел вклучува дијалог и изнаоѓање рационални решенија, а не само уставни измени – промена што, вели, „како Влада успеавме да ја иницираме во последните шест месеци.
Според него, суштината е во обезбедување предвидливост на патот кон членството во ЕУ, што може да се постигне преку уставни измени со одложена примена.
-Ако чинителите во Брисел имаат други идеи за предвидливост, отворени сме за дијалог, но преку консултации со експертската заедница, невладиниот сектор и јавноста, вели министерот Муцунски.
Тој подвлекува дека Владата нема да се однесува аматерски и парадерски, како што тоа било случај во минатото, туку ќе покаже професионален и стратегиски пристап.
-Треба да се бориме, но и да бидеме свесни за нашите силни страни – стратешката позиција на нашата држава и фактот дека Европската Унија не може да си дозволи уште една грешка во однос на нашата интеграција, вели Муцунски.
Во однос на решавањето на проблемот со Бугарија, Муцунски нагласи дека доколку се гледа низ призмата на лошата пракса од минатото, најдобро е тоа да се постигне со политичка влада која ќе има целосен легитимитет.