Муцунски ја уверил Кос дека Северна Македонија има сигурна ориентација кон полноправно членство во ЕУ

Во рамки на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската унија во Луксембург, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

На средбата се разговараше за напредокот на земјава во европската интеграција, заедничката заложба за справување со актуелните предизвици, како и за неопходноста од забрзување на процесот на пристапување во Европската унија.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека на средбата била потврдена цврстата определба на Владата за спроведување на реформите, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Тоа, како што беше истакнато, е доказ за стратешката ориентација на земјата и јасен показател дека Северна Македонија е на сигурен пат кон полноправно членство во ЕУ.

Муцунски ѝ се заблагодари на Кос и за поддршката од Европската унија по неодамнешната трагедија во Кочани, посочувајќи ја и брзата реакција преку Европскиот механизам за одговор на кризи, како и помошта од земјите-членки.

Во текот на работната посета на Луксембург, министерот Муцунски, на покана на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, ќе учествува на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи, во формат со министрите од земјите-членки и партнерите од Западен Балкан.

Зачлени се на нашиот е-билтен