На прашањето зошто првично не одговорила Владата на барањата на британските медиуми, министерот за надворешни работи и меѓународна трговија Тимчо Муцунски во интервју за 360 степени на МТВ, рече:
„Тоа јас не знам дали одговорила или не одговорила во делот на комуникацијата, но јас ви кажувам, ние внатрешно се координиравме, заедно со тимот за односи со јавноста во Владата, видовме дека наеднаш добиваме повеќе прашања и без да се чека став од страна на Владата, се објавуваа повеќе текстови во медиумите во Обединетото Кралство и се одлучивме да го направиме одговорот на еден системски начин“.
Понатаму во одговотот тој појаснува дека акумулирале информации за сите медиуми коишто поставилеа вакви прашања и потоа им пуштиле одговор.
-Еве и друго ќе ви кажам. Имаше и други медиуми коишто во меѓувреме поставија прашање следејќи ги написите во „Тајмс“ и во други медиуми. И потоа откако го добија одговорот од нашата институција, не објавија текст бидејќи сфатија дека очигледно се работи за дезинформација и за лажна вест. И мислам дека и тоа беше дел од наративот на опозицијата во државата. Сега тоа не можеме да го негираме. Се фаќаа за секое зборче, обидувајќи се да најдат дупка низ зборчето, за да најдат некој начин да ја потврдат тезата. И најдобриот одговор веројатно им го даде премиерот Мицкоски – ќе помине време, нагласи министерот.
Шефот на македонската дипломатија ја отфрла можноста некој внатре во Владата да испратил макар полусигнал до британските власти дека се подготвени на разговор на таа тема.