Муцунски во САД на „таен“ настан? МНР не открива на кој настан на Светскиот економски форум учествува министерот

Муцунски
Муцунски 360 степени на МТВ

Министерството за надворешни работи и меѓународна трговија не открива на кој конкретен настан во САД учествува министерот Тимчо Муцунски, иако од ресорот потврдија дека станува збор за „економско-инвестициски настан“ организиран од World Economic Forum.

Во кус одговор за Слободен печат од МНР наведуваат дека министерот учествува „по покана“ на средба на која присуствува „селектирана мрежа на актуелни и поранешни шефови на влади, министри и носители на одлуки од најголемите светски корпорации“, но додаваат дека јавноста ќе биде информирана дури по завршувањето на настанот.

Недостигот на конкретни информации отвора прашања за транспарентноста на владините активности во странство, особено кога станува збор за форуми на кои се носат важни економски и политички одлуки.

Рацин.мк посвети малку повцеќе време на пребарување, но јавните податоци покажуваат дека во моментот нема официјално најавен голем настан на World Economic Forum во Соединетите Американски Држави. Главниот годишен самит на организацијата – World Economic Forum Annual Meeting 2026 – веќе се одржа во јануари во Davos.

Оттаму, една од можните хипотези е дека станува збор за затворен лидерски собир поврзан со програмата Forum of Young Global Leaders, иницијатива на WEF, која собира млади политички и бизнис лидери од целиот свет. Минатата година токму министерот Тимчо Муцунски беше избран во оваа глобална мрежа.

Има една многу силна трага што се појавува кога се бараат настани поврзани со World Economic Forum и Forum of Young Global Leaders во САД во овој период — и таа води кон Harvard Kennedy School.

Еден од членовите на YGL (индиски пратеник) е поканет на програмата “Global Leadership and Public Policy for the 21st Century” која се одржува од 5 до 13 март на Harvard Kennedy School во Бостон/Кембриџ.

Периодот во кој се подготвува овој настан се совпаѓа со периодот во кој е отсутен Муцунски, кој, видовме, од САД се вклучи преку видео врска на состанокот на Советот за безбедност на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, еден ден по нападот на САД и Израел на Иран.

Лидерската програма „Global Leadership and Public Policy for the 21st Century“ собира политичари, министри и корпоративни лидери од повеќе земји. Ваквите програми често се поврзани со мрежите на World Economic Forum и неговата заедница на млади глобални лидери.

Нашето дополнително пребарување откри дека учеството на овој настан е на директната покана на Светскиот економски форум, бидејќи оваа програма е партнерство со Харвард, а не стандарден курс со отворен повик.

Засега, сепак, не е официјално потврдено дали токму оваа програма е настанот на кој присуствува македонскиот министер. Од МНР не откриваат ни во кој град во САД се одржува средбата.

Според овие индикатори, можно е Тимчо Муцунски да учествува на овој настан, но не е јасно зошто тоа се крие

Отсуството на конкретни информации за меѓународните активности на владините функционери, особено кога станува збор за форуми со влијание врз економските и инвестициските политики, повторно ја отвора дебатата за транспарентноста на институциите и за тоа колку јавноста има право да знае за контактите и агендата на своите избрани претставници.

Редакцијата на Рацин.мк до МНРМТ ги испрати следните прашања на кои очекуваме одговор кој веднаш ќе го објавиме:

1. Кое е точнoто име на настанот организиран од World Economic Forum на кој учествува министерот Тимчо Муцунски и во кој град во САД се одржува?

2. Која институција или организација е ко-организатор на настанот (универзитет, фондација или think-tank) и каде точно се одржува средбата?  

3. Дали станува збор за јавен форум или за затворена лидерска средба организирана во рамки на мрежите на World Economic Forum, како што се Forum of Young Global Leaders?  

4. Кој ги покрива трошоците за учество на министерот – организаторот или буџетот на Министерството?  
 
5. Дали учеството на министерот е поврзано со програмите на Harvard Kennedy School или со активностите на Forum of Young Global Leaders на World Economic Forum?  

Зачлени се на нашиот е-билтен