Муртезани: Немаме поголем пријател и поддржувач на европската интеграција од Грција

„Одговорно тврдам дека немаме поголем пријател и поддржувач на нашата европска интеграција од Грција,“ изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Тој во интервју за МИА, по завршувањето на неговата дводневна посета на Грција нагласи дека „добрососедските односи се заеднички приоритет и имаат потенцијал да се зајакнат и продлабочат.“

Муртезани истакна дека ова беше прва официјална посета на Атина на претставник на новата Влада по изборите, при што имаше можност да се сретне со заменик-министерката за надворешни работи Александра Пападопулу и потпретседателот на грчкиот Парламент Јоанис Плакиотакис.

„Средбите поминаа во одлична и пријателска атмосфера,“ оцени министерот.

Тој додаде дека постизборниот период во Северна Македонија се совпадна со предизборниот период за евроизборите во Грција, што привремено доведе до перцепирано заладување на односите. Меѓутоа, според него, „релациите меѓу Скопје и Атина се пријателски, а ова пријателство мора и понатаму да се зајакне.“

„Најодговорно можам да тврдам дека овие два дена во Атина се чувствувам како во пријателска земја. Многу топло бев примен, на наше располагање беа ставени сите можности и капацитети на Грција да ни помогнат. Бидете сигурни дека тоа го прави само земја којашто нè смета за пријател,“ нагласи Муртезани.

„Ние сме земји-членки на НАТО и рамо до рамо придонесуваме за стабилноста во регионот и во светот, така што има многу работи коишто ние треба и мора да ги интензивираме.“

Зачлени се на нашиот е-билтен