Откако стана вирално видеото на кое се гледа и слуша како маж на лајв стрим на ТикТок тепа жена, Министерството за внатрешни работи го приведе насилникот, за кој е потврдено дека е од Радовиш, но подоцна го пушти на слобода бидејќи во моментов нема доволно докази за негово задржување.
„Настанот во СВР Струмица беше пријавен на 23.03.2025 (недела) во 08.25 часот од страна на мајката на жртвата. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш. Утврдено е дека машкото лице е А.А.(35) од Радовиш, кој истиот ден во 09.20 часот е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Радовиш. Исто така, бил извршен службен разговор и со нападнатата жена, во присуство на социјален работник од Јавна установа Меѓуопштински центар за социјални работи Радовиш, при што таа кажала дека видео записот е од јули 2024 година. Бидејќи во конкретниот случај постои сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот закон, каде во став 5 од истиот член стои дека гонењето се презема по поднесување на предлог за гонење, од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка“, наведено е во соопштението на МВР.
Оттаму информираат дека за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, по чии насоки биле преземени и понатамошните мерки.
„Врз основа на преземените мерки, од страна на ОВР Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш на 25 март е поднесена кривична пријава против А.А. поради постоење на сомнение дека сторил кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2, а во врска став 1 од Кривичниот закон. Продолжуваат да се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот“, се додава во соопштението на МВР.
Од Јавното обвинителството кусо информираат дека постапката за лицето е во тек врз основа на поднесената кривична пријава.
„Ќе се испита дали има основа за негово задржување. Обвинителството и истражните органи имаат обврска да постапуваат единствено врз основа на доказите во предметите“, велат во Обвинителството.