Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако вчера државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани. Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвнителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ.
Коцевски, вчера на прес-конференција посочи дека со завршување на истрагата ќе се разјаснат сите околности и факти за причината за пожарот, кој го предизвикал, начинот на предизвикување и со кое пиротехничко средство.
Лицата, како што информира Коцевски, се сомничат за кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку три години, што значи дека максимумот на казната е 20 години, а се сомничат дека како соизвршители, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
– Ова е само почеток на истрагата и престои обемна истражна постапка во рамки на која ќе треба да се приберат голем број докази и ќе се преземат истражи дејствија. Ветив дека истрагата ќе биде брза и ефикасна и со тоа апелирам до сите да бидат воздржани и смирени и со тоа да им се даде простор на истражните органи квалитетно да ја завршат истрагата, изјави Коцевски.
Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, како што рече, довеле до тоа, да при користење на пиротехнички дејствија за време на настап на „ДНК“ во клубот „Пулс“ во Кочани, биде предизикан пожар во кој настапила смрт на 59 лица, меѓу кои шест деца, а биле повредени 197 лица, од кои 25 деца.
– Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности воопшто не постапиле според прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност заживотот и телото на луѓето и имот од големи размери, изјави Коцевски.

Доколку се обезбедат докази најави дека во истрагата ќе бидат опфатени и други засега не утврдени лица. Тројца осомничени се јавуваат како одговорни лица, сопственици или управители во клубот. Првиот е закупец на објектот каде е лоциран клубот, реален носител и сопственик на целокупниот деловен потфат и работењето.
– Објектот со намена за лесна индустрија воопшто не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски, но во континуитет осомничените добивале лиценца, незаконито и организирале услуги. Притоа сите знаеле и биле свесни дека клубот не ги исполнува законските услови и начин за вршење угостителска дејност, информираше јавниот обвинител.
Постои конкретно основано сомнение дека првоосомничениот за период од 13.02.2024 до 13.02.2025 година директно на осомничено службено лице вработено во Министерество за економија му дал одреден паричен износ да изврши службено дејствија, што не би смеел да го изврши и на тој начин обезбедил лиценца. Поради тоа против вработениот во Министерство за економија е поведена постапка и за примање поткуп.
Една од осомничените е и сопственичка и управителка на осомничено правно лице од Кочани, која во 2010 година постапила по барање на осомничениот сопственик и му изработила основен проект, како услов за отпочнување на работа и вршење угостителска дејсност кабаре, иако знаела дека објектот не може да биде пренаменет.
– Овој незаконит проект сопственикот во период од 2012 до 2023 година во континуитет го користел незаконито во прилог на барање за добивање лиценци, изјави Коцевски.
Од Министерството за економија до овој момент осомничени се поранешен министер за економија, поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник. Поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности и во периодот од 09.01.2020 година до 16.03.2025 година во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови наведени во барањето за Лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре, и другите пропишани услови согласно закон, со што овозможиле Кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност.
–Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, како и осомничени двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, иформираше обвинителот, не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле Кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон. За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.
Во однос на активностите на Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи продолжува да врши проверки во насока на утврдување на сите пропусти во текот на целиот временски период на работа на клубот.
Според обвинителството, на 16 март годинава, еден од осомничените, одговорно лице во клубот, усно организирал концерт – настап без формално потпишан договор со музичката група ДНК и притоа заедно со осомничените управители и осомничените припадници на агенцијата за обезбедување, свесни дека капацитетот и условите во објектот тоа не го дозволуваат, овозможиле влез на околу 650 посетители помеѓу кои имало најмалку 31 дете. Едно од осомничените лица вршело продажба на билети без притоа да води сметка за бројот и возраста на гостите кои смеат да присуствуваат, спротивно на Законот за угостителска дејност, овозможувајќи влез и присуство и на малолетни лица на настанот.
Осомничените одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување, пак, не спречиле за потребите на настапот на групата ДНК да се внесат во угостителскиот објект и да се употребат експлозивни материи – пиротехнички фонтани, иако за тоа дејствие немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства, ниту пак просторните услови дозволувале употреба на такви пиротехнички средства.
– За внесување и употреба на пиротехничките средства е осомничен и еден член на музичката група. Постои сомнение дека членовите на бендот околу 02:32 часот како дел од сценскиот настап и ефект ги активирале експлозивните материи – пиротехнички фонтани кои исфрлале искри во правец на плафонот над сцената од кои веднаш се опожарил кровниот дел од објектот и пожарот се проширил по целиот објект, рече Коцевски.
Во однос на пропустите на обезбедувањето, осомничени се сопственикот и управител на фирмата за обезбедување од Скопје, овластеното лице на подружницата во Кочани, тројца вработени и едно лице кое не било вработено во фирмата но вршело одредени работи за таа фирма.
– Сите тие вршеле работи на физичко обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, без да ги проверат условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, како и другите сигурносни услови особено во однос на опасности и можности за евакуација. Во текот на критичната вечер, не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот на посетителите во објектот и не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот и поради кои настанала несреќата во објектот, изјави Коцевски.
Демократската унија за интеграција, пак, од чии редови е еден од осомничените, поранешниот министер за економија Крешпник Бектеши, кому му е определен 30-дневен притвор, во реакција оцени дека процесот е неоснован, политички мотивиран и селективен.
Според ДУИ, потребна е длабинска и непристрасна истрага за да се утврди како објект без лиценца можел да работи и да ги загрози животите на стотици млади луѓе. Фактот, како што наведоа во партиското соопштение, дека од 35-те приведени лица, само еден или двајца се актуелни функционери, отвора сомнежи за селективна правда. – Бараме правните процеси да бидат праведни, транспарентни и засновани на закон, без влијание од терминологија која не постои правната терминологија и кривичниот законик, нагласуваат од ДУИ.
Како што соопшти вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, МВР во соработка со надлежното Јавно обвинителство, ја заврши првата фаза во постапувањето во врска со кривично-правниот настан со пожарот.
– Поднесени се две кривични пријави против вкупно 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ“, соопшти Тошковски.
Во одговор на новинарско прашање поврзано дали актуелни носители на функции се осомничени во истрагата за пожарот рече дека „не може да се сложи дека актуелни вработени во рамки на Министерството за внатрешни работи на одредени позиции или во рамки на други институции кои биле директно инволвирани не се дел од осомничените или не се дел од истрагата“.
Прашан дали актуелниот директор на Државната пазарна инспекција Влатко Сајкоски правел инспекторски надзори, со оглед на тоа што денеска јавниот обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференција посочи дека осомничен е поранешен директор на ДПИ поради непостапување, Тошковски најави дека МВР соодветно ќе постапи во моментот кога ќе бидат утврдени сите потребни факти.
– Во оној момент кога ќе ги утврдиме сите потребни факти со предметниот кривично-правен настан, соодветно и ќе постапиме во однос на сите оние кои имаат било каква директна или индиректна поврзаност. Истрагата е отворена и практично формално е отпочната вчера со поднесување на кривична пријава од страна на МВР. Во текот на претходниот ден, исто така имавме поднесено кривична пријава против дел од осомничените во рамки на посебна постапка, под надлежност на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, затоа што предметните лица беа полициски службеници и во однос на тие истрагата започна пред два дена, во однос на сите останати истрага започна вчера. Ова е само почеток за она што следи, рече Тошковски.
Во врска со неодамнешното апсење на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, вели дека дејствијата преземени од Министерството за внатрешни работи (МВР) се целосно во рамки на законските овластувања и се професионални.
– Дејствијата што ги преземаме по насока на ЈО се професионални, очигледно е дека сето она што го имаме преземено во изминатиов период е целосно во рамки на законските овластувања кои ги имаме. Нема тука наши-ваши, тука има луѓе кои се одговорни и луѓе кои не се одговорни. Но, мора да почитуваме процес на правда и мора темелно и посветено да ја работиме истрагата како што доликува на една држава која што треба да одговори соодветно, изјави Тошковски.
Прашан дали изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дека Папазов поднел оставка од морални причини е во насока да се оправдаат блиски луѓе до нивната партија, Тошковски одговори дека дејствијата ги преземале согласно конкретните докази во моментот.
– Апсолутно не и тоа го докажуваме со дела. Согласно дејствијата што се преземени од наша страна, во конкретен момент, согласно конкретни докази, сме презеле конкретни чекори. Кога сме обезбедиле конкретни докази за конкретни лица на степен на основи на сомнение сме поднеле кривична пријава. Кога ќе дојдат до степен на основано сомнение, ќе има обвинение, рече тој, информирајќи дека се истражува и дали претходните две години имало контроли во дискотеката.

Министерот за внатрешни работи најави дека Владата има намера целосно да забрани употреба на пиротехнички средства во затворен простор. Службите во рамки на МВР се задолжени да изготват документација со која би се направиле измени на легислативата што го уредува тоа прашање. Посточеката легислатива што го уредува тоа прашање датира некаде од 60-те години на минатиот век и ќе се носи целосно нов закон. Поради потребата од итност во уредувањето на тоа прашање, до донесувањето нов закон решение ќе се бара со измени на членови од постоечката легислатива.
Фото: МИА архива