МВР ќе го истражува извршениот верски обред врз полициски возила

МВР

Министерството за внатрешни работи соопшти дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности за целосно утврдување на околностите поврзани со фотографиите на кои се гледа верски обред врз службени полициски возила во кругот на Министерството, објави Фокус.мк.

„Во однос на објавените фотографии за кои прашувате, Министерството за внатрешни работи ве известува дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР презема соодветни мерки и активности за целосно утврдување на околностите, по што јавноста ќе биде соодветно информирана“, наведуваат од МВР

Фотографиите, кои во изминатите денови се проширија на социјалните мрежи, предизвикаа бурни реакции во јавноста. На нив се забележува свештеник како врши верски обред и осветување на службени возила во дворот на МВР, при што се присутни и полициски службеници.

Дел од граѓаните го оправдуваат ваквиот чин, посочувајќи дека во православната традиција постои молитва за осветување на возила и дека станува збор за симболичен гест со цел заштита и безбедност. Наспроти тоа, друг дел од јавноста остро реагира, оценувајќи дека ваквата практика е спротивна на уставното начело на секуларност и дека државните институции мора да бидат верски неутрални.

На социјалните мрежи јавно се огласи и новинарот Фуркан Салиу од „ПорталХ“, кој оцени дека случајот не може да се третира како традиција, туку како сериозно уставно прашање.

„Полицијата во Македонија е мултиетничка и мултирелигиска и мора да им служи на сите граѓани подеднакво. Таа не припаѓа на ниту една вера. Кога една вера добива официјален простор во полицијата, пораката до другите е јасна – дека институцијата има доминантна вера. Ова не е симболика, туку институционализација на религијата и директно кршење на Уставот, кој ја дефинира државата како секуларна“, напиша Салиу.

Дебатата повторно го отвори прашањето за границата меѓу верските обичаи и функционирањето на секуларните државни институции, како и за потребата од јасни правила и одговорност во јавниот простор. Слични реакции во јавноста имаше и пред една година, кога беше извршен верски обред во Собранието.

Од МВР најавуваат дека по завршување на постапката за утврдување на фактите, јавноста ќе биде дополнително информирана.

Зачлени се на нашиот е-билтен