Последното, брутално убиство на Росица Коцева, кое веќе се квалификува како фемицид, односно како злосторство од омраза против жени ги отвори прашањата дали постоечката законска регулатива и протоколи се соодветни за да спречат и казнат вакви појави и дали протоколите што произлегуваат од нив се применуваат.
МВР не ја заштити Росица иако ги има сите можности од Кривичниот законик. Тоа го потврдува прегледот на постоечката законска регулатива им оовзможува на полицијата и обвинителствата да гонат по Кривичниот Законик, уште повеќе откако беше објавено дека Росица пријавувала и молела да биде заштитена. Сепак МВР и другите институции не ја заштија.
На 13.02.2023 година од страна на Собранието на Република Северна Македонија беше донесен Закон за изменување и дополнување на Кривчниот законик. При подготовка на законските измени и дополнувања во однос на Истанбулската конвенција, беше земена предвид „Анализата на усогласеноста на законодавството на Република Македонија со Конвенцијата на советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство“.
Посебно внимание беше посветено на вградување на стандардите содржани во Истанбулската конвенција, во следниве насоки:
– интервенција во Кривичниот законик заради употреба на родово сензитивен речник наспроти родово неутралниот кој беше употребуван пред измените на КЗ.
– вметнување на родовата перспектива во КЗ, гарантирање дека родовите димензии се земени предвид во дефинирањето на кривичните дела и постапките за спроведување на овој Законик.
– измени во Кривичниот законик во однос на половиот напад и силувањето.
– Инкриминирање на демнењето како ново кривично дело со одредби преку кои ќе бидат предвидени и санкции за сторителите, а истовремено ќе се обезбеди заштита за жртвите.
– Имкриминирање на полово вознемирување како кривично дело во Кривичниот законик и дефинирање соодветни санкции за сторителите.
Во членот 122 семејното насилство се дефинира како малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар, вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.
Исто така, постојната дефиниција на „жртва на кривично дело“ се доополнува со жртва на родово базирано насилство под што се подразбира секоја жена и девојчиња до 18 години спрема кои под тие околности е сторено кривичното дело.
За прв пат се дефинира и родово базираното насилство врз жените кое означува насилство насочено против жената поради нејзина припадност на женскиот род што доведува или може да доведе до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и директни и индиректни закани и заплашување за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот
Во Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик се пропишани квалифицирани облици на соодветните кривични дела (Убиство, Телесна повреда, Тешка телесна повреда, Присилба, Противправно лишување од слобода, Загрозување на сигурноста и Посредување во вршење проституција) со построги казни доколку тие се извршени или се последица од родово базирано насилство. Додека, кај делото Убиство на миг во законското битие на делото е додаден елементот на родово базирано насилство.
За прв пат беше пропишано е и ново кривично дело „Демнење“, согласно одредбите од Истанбулската конвенција. За основниот облик на ова дело е пропишана парична казна или затвор до три години за оној што повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице. Доколку пак делото е сторено спрема лице со кое сторителот е или бил во интимна врска или спрема дете, пропишана е казна затвор од шест месеци до пет години.
Од сето ова произлегува дека политики и протоколи за заштита од фемицид има, само не се спроведуваат
Во 2021 Маричиќ како Министер за правда ги подготви измените на кривичниот законик со што демнењето и и други слични форми станаа кривични дела – Собранието ги изгласа промените во 2023.
Но, иако законската регулатива им оовзможува на полицијата и обвинителствата да гонат по КЗ, иако Росица пријавувала и молела да биде заштитена, МВР не ја заштити.